Премиера на долгометражен биографски филм за актерот Бајруш Мјаку

Долгометражен документарен филм посветен на доајенот на македонската и албанската театарска сцена Бајруш Мјаку утре премиерно ќе биде прикажан на Докуефст во косовскиот град Призрен.

Долгометражниот документарен филм, „101 улога 102 живота, Бајруш Мјаку“ во продукција на Еклипс 92, по сценарио на Решат Камбери и режија на Филип Херин, е биографски филм за актерот Бајруш Мјаку.

Во тек се активни апликации на повеќе интернациоанлни фестивали. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.

Актерот Бајруш Мјаку е роден во Качаник, Косово во 1952 година. Во средината на шеесеттите доаѓа во Скопје и тука завршува гимназија во средното училиште „Зеф Љуш Марку“. Уште како средношколец почнува да статира и да игра некои улоги во тогашната Албанска драма, при Албанскиот театар во Скопје.

Во Приштина студирал драмска уметност при Вишата педагошка школа во класа на професорите Фарук Беголи и Беким Фехмиу. Професионален актер станува од 1973 година.

Со голем успех ги реализира ликовите на Крал Лир,( Крал Лир, Шекспир), Лени Смол,( Глувци и Луѓе, Штајнбек), Вујко Вања,(Вујко Вања, Чехов), Капетанот Адолф, ( Татко-Стриндберг), Генералот, (Генералот на мртвата војска, Кадаре), Баал, (Баал, Брехт), Сократ, ( Сократ, Платон), Д-р Стокман,(Народен непријател, Ибзен), Peer GYNT III, (Peer GYNT, Ибзен), Попришкин, (Дневникот на лудиот, Гогољ) и многу други.

Добитник е на многу државни и интернационални награди: три награди Војдан Чернодрински, две награди на Фестивалот на мали театарски форми, Врача, Република Бугарија, Фестивал на монодрама во Приштина, Награда за Актер, Фестивал на камерен театар, Фиер, Албанија, Награда Ристо Шишков за најдобар актер, Фестивал на камерен театар, Награда за колективна игра, Експериментален Интернационалаен Театар, Каиро, Египет. Најзначајната награда на Мјаку е Гранд При на фестивалот на монодрамата, Киев, Украина.

- Реклама -