Прекрасно видевце и текст по повод Светскиот ден на лицата со Даунов синдром

Првиот Светски ден на лицата со Даунов синдром е одржан на 21 март 2006 година. Со цел подигнување на јавната свест, Генералното собрание на ООН на 19 декември 2011 година ги повика сите земји членки (со сите релевантни организации) да го одбележуваат денот секоја година на 21 март на соодветен начин.

Зошто токму 21-ви март?

Бидејќи март е третиот месец во годината и претставува симболично одбран датум поради трите копии на 21-от хромозом (трисомија 21) што се присутни во клетките на лицата со оваа состојба.

Наспроти прерасудите, сите лица со Даунов синдром можат позитивно да нé изненадат со своите способности, а за тоа доволно е да им дадеме шанса и да ги прифатиме со целиот ум и срце.

Успесите на лицата со Даунов синдром во голема мера се и рефлектор на едно општестство, поконкретно на социјалната политика на државните институции, нешто што за жал недостига во Република Македонија.

Како и да е, од некаде треба да се започне, а тоа сме ние самите, луѓето. Вистинската љубов не брои хромозоми, зарем не?

По повод Денот, повелете едно прекрасно видевце со 1 есктра хромозом.

По истиот повод, уште еднаш ќе го репризираме текстов од фејсбук статусот на Јордан Ѓурчески, затоа што и после 100 читања, сé уште ни ги разнежнува срцата. А баш такви им требаат нашите срца на децата и лицата со Даунов синдром.

Малиот Принц Петар

Извинете, јас морам да го споделам ова, инаку ќе ми пукне таму некаде внатре. Па вие како сакате сфатете го…

Тукушто се вратив од кино. Бев сам, да го гледам Малиот принц. Влегов во сала полна со деца и меѓу нив 4-5 жени кои си помислив дека се нивни учителки. Од некое школо или градинка си реков ги донеле да гледаат. Деца ко деца, викаа, си дофрлаа, се гледаше дека не им е баш интересно.

Меѓу нив имаше едно кое цело време ја шеташе салата горе – долу. Ги смени сите слободни седишта. Уште на почетокот дојде зад мене, ме допре на рамото и избега. Некаде при крајот, дојде и седна до мене. Забележав дека е различно од другите. Ме испитуваше, ме гледаше, ме допираше, се преместуваше од левото на десното седиште до мене. Го погалив по косата, и пробав да го задржам да седи до мене да го догледаме филмот. Ми пријде една од “учителките” и тивко, со глас како да се извинува ми вика:

– Ние сме од СОС детското село и ги доведовме децата да го гледаат цртанов. Не му замерувај на ова дете. Има Даунов синдром, со посебни потреби е и си бара повеќе внимание.

Секако, ѝ кажав да не се грижи. Го погалив пак по главата, го седнав до мене и го прегрнав со едната рака. Легна на седиштето до мене, ми ја навали главата на рака. Одеднаш стана, се премести на другата страна, ме гушна силно, се галеше некое време со главата во мене, ме бакна на образ и избега….

Неколку бакнежи во мојот живот ми останале како засушена плунка на лицево, и не сум сакал да ги измијам со денови. Со години. Знаете, она чувството ко ќе се исуши плунката и ќе ве затега некое време на местото, а вие сакате тоа време да не заврши. Неколку бакнежи биле тоа..

Последните од моите баби и дедовци, средниот од моите родители, кога ме пуштале во самостоен живот, првиот од Кристина, уште два-три други низ животов..

И овој денес. Бакнежот од Петар. Така се викаше. Сите биле дадени без повод, со чисто срце и искрена намера. Петар ми ја стопли душава, ми го искрши срцево на сто дела и пак ми го состави, и за момент ми го тргна облакот од над мене. И тоа баш на Малиот принц. Коинциденција?

Денес сфатив. Не се тие деца со посебни потреби. Јас сум со посебни потреби. Тие се со посебни моќи.

Толку имав да кажам за денес. И за одредено време…

 

- Реклама -