Предмети од светот на хеви-металот ќе бидат понудени на аукција.

Во Лондон, во текот на следните недели, ќе се одржи аукција „Музички Икони“, на која ќе бидат изложени и продадени предмети од светот на хеви металот, од гитари до сценски костими. Ова го објави агенцијата Reuters.

Посебна атракција на аукцијата се предметите од наследството на Ејс Фрели, првиот гитарист на групата Kiss, вклучувајќи ја неговата јакна од турнејата во 1977 година.

Највредниот предмет е гитарата „Gibson Les Paul Ace #1“, произведена во 1974 година, која Фрели, кој почина минатата година, ја користел како во студиото, така и на сцената. Нејзината вредност се проценува на помеѓу 400.000 и 600.000 долари.

„Тој имаше длабока врска со таа гитара… таа е дел од неговата историја“, изјави за Reuters Мартин Нолан, извршен директор и коосновач на аукциската куќа Julien’s Auctions, на претставувањето на аукцијата во Лондон. „За жал, тој не е повеќе со нас, но гитарата и облеката што ги носеше продолжуваат да поттикнуваат разговори за неговото наследство и да го одржуваат неговото сеќавање живо“, додаде Нолан.

Прочитајте и:  Иранското население без интернет повеќе од 1.000 часа

На аукцијата ќе бидат понудени и гитари на кои свиреле Кирк Хамет од Metallica и Мик Марс, коосновач на Motley Crue.

Одбрани предмети ќе бидат изложени во познатиот „Hard Rock Cafe“ на Пикадили Сирклс до 13-ти април, пред да бидат префрлени во „Hard Rock Cafe“ во Токио на 27-ми април.

Аукцијата „Музички Икони“, во која Нолан истакна дека ќе бидат вклучени повеќе од 700 предмети од различни музички жанрови, ќе се одржи на 29-ти и 30-ти мај во „Hard Rock Cafe“ на Тајмс Сквер во Њујорк.