Денеска ве носиме во светот на анимацијата.
Приказната за принцезата Кагуја е долгометражен анимиран јапонски филм, кој годинава беше номиниран за Оскар.
Сценариото е инспирирано од старата фолклорна бајка „Приказна за сечачот на Бамбуси“, а режисерот на маестралното пренесување на платното е Исао Тахаката.
Развојот на дејствијата започнува кога еден стар изработувач на крошни од Бамбус, пронаоѓа малечка принцеза во едно од дрвјата.
Тој ја зема во дланките и ја носи дома.
Кога неговата жена го здогледува девојчето и го прегрнува, тоа наеднаш се претвора во бебе. Двајцата селани започнуваат да го одгледуваат како свое дете, а сите се изненадени колку брзо расте.
Нејзиниот татко го посакува најдоброто за својата ќерка. Тој ја нарекува принцеза и сака да и овозможи богат живот, надвор од селската идила која не и прилега на нејзината раскошност и убавина…
Освен што приказната е феноменална, филмот има одлична анимација, музика и многу симболика. Тој покренува бројни прашања. Дали секогаш она што го сакаат родителите е најдоброто за нас? Дали градината во големиот град може да го замени зеленото пространство во планините? Дали богатството може да го убие „духот“ за живот? Дали невиноста ни ја одземаат годините или делата? Уште многу прашања и многу одговори стојат зад ова дело. „Приказната за принцезата Кагуја“ е филм кој ја претвора фолклорната бајка во една волшебна визуелизација исполнета со многу емоции.