Во режија на Џонатан Дајтон и Валери Фарис, Little Miss Sunshine (Малата Мис сонце) е одлична авантура со интересен развој на настаните, премиерно прикажана во 2006 година.
Семејството на Ричард и Шерил доживува уште едно разочарување, во моментот кога научниот проект на сопругот е отфрлен. Деновите на благосостојба изгледаат сé повеќе далечни привиденија, бидејќи тие имаат опипливи финансиски тешкотии.
Проблемите следат еден по друг, откако нивниот син Двејн дава целосен завет на молчење, а хомосексуалниот чичко Френк прави обид за самоубиство поради невозвратена љубов кон негов колега.
И токму кога сè изгледа безнадежно, семејството дознава дека малата ќерка Оливија го освоила правото да учествува на детскиот конкурс „Малата Мис Америка” во Калифорнија. Ричард гледа во тоа шанса за поврзување на семејството и сите тргнуваат заедно на конкурсот, натоварени во малиот семеен жолт минибус. Со нив тргнува и дедото-наркозависник, кој го претвора патувањето во вистински тест за нервите на секој од нив.
„Малата Мис Сонце“ е филм за сонот, за храброста да се бориш, за храброста да си различен. Но, и за другиот сон – американскиот. Филмот нè носи на едно забавно патување, каде што ни предава животна лекција, но и гласно и низ смеа ја критикува американската идила низ карактерите, кои се репрезентативен примерок на сите стереотипи поврзани со Американците. Клучно е да се напомене дека изборите на мали мисици се многу популарни во Америка, па не случајно во филмот е одбрана оваа контроверзна тема која постојано подлежи на дебати. „Малата Мис Сонце“ е уметност за сите љубители на добриот хумор. Ова е филм што успева да претвори една сурова реалност и бизарност, во сатирична филмска авантура, на која што секогаш ќе се сеќавате низ насмевка.