Филмот „Лов“ со оригинален наслов Jagten, е дански филм од 2012 година, во режија на Томас Винтерберг чие што дејствие се одвива во еден мал провинциски град во Данска, каде владее мир и хармонија меѓу членовите на заедницата.
Сè се менува, кога Лукас, обожуван учител во градинка, е обвинет за непристојно, педофилско однесување пред едно од децата. Сите негови колеги и пријатели веднаш се насочуваат против него без многу да навлегуваат во анализа дали е вистина или не она што го раскажува едно од девојчињата на кои што Лукас им предава.
Интересно е тоа што додека го гледате овој филм, ве следи чувство на нервоза и неизвесност до самиот крај, прашувајќи се дали Лукас навистина го направил она за кое што е обвинет. Некои, се убедени во невиноста на почетокот на филмот, но почнуваат да се сомневаат во него со развојот на настаните. Други го ставаат во центарот на приказната девојчето, коментирајќи колку е погрешна претпоставка дека децата никогаш не лажат. На крајот, како најважно прашање се поставува – како реагира современото општество во слична ситуација.
Интересно е да се види како една гласина за неколку дена предизвикува масовна хистерија. Ликовите веднаш го забораваат познатото правило од областа на правото дека „секој е невин додека не се докаже спротивното“, брзо ја губат човечноста, и прибегнуваат кон морална осуда врз злосторникот.
Филмот не случајно го носи ова име, потсетувајќи нè на средновековниот „лов на вештерки”, кога дури и при само мало сомневање започнувале да се собираат прачки за клада.
Винтерберг никогаш не пропушта да го искритикува општеството во кое живееме, ставајќи акцент врз лесноумноста на луѓето, а во овој филм го прави тоа повеќе од било кога.
Дали се ова луѓето на XXI век, ова ли е цивилизацијата изградена врз закони и правда, прашува данскиот режисер во ова феноменално филмско остварување. Филмот е дескриптивен пример како човекот се претвора во ловец и лесно му подлежи на притисокот на толпата.
Винтерберг не дозволува да ја загуби контролата врз дејството. Полека ги гради ликови и постепено ги реди тензиите, целосно соживувајќи ги гледачите со случувањата на екранот. Во овој филм, тој мајсторски ја раскажува својата приказна, притоа незабележливо навлегувајќи ни под кожата и манипулирајќи ги нашите мозоци. Одличен филм за да го препорачате и вие на вистинскиот познавач на одлична драма.