12 Angry Men е филм од 1957-та година во режија на Сидни Лaмет.
Дејството се одвива во поротничката соба на една судница, каде се сместени 12 поротници. Нивната задача е да донесат одлука за случај поврзан со убиство, во кој сите докази и сведочења укажуваат на тоа дека едно младо момче го убило својот татко. Проблемот во ситуацијата е тоа што одлуката мора да биде едногласна. Уште од самиот почеток сите се согласуваат дека момчето е виновно, освен еден. Започнува жестока дискусија, а поротниците стануваат се погневни и нетрпеливи. Дури и времето се однесува како да знае што се случува во собата и како да знае дека на поротниците им претстои многу важна одлука.
Да се направи филм чие цело дејство се одвива во една просторија е голем залак, но за разлика од повеќето обиди „12 гневни луѓе“ ниту малку не потклекнува на тешката задача. Напротив, ве очекува возбудлива авантура, која патем ќе ви овозможи увид во одредени аспекти од човечкиот живот што ретко ги забележуваме.
Филмот успева да го привлече вниманието и да го задржи од самиот почеток, воведувајќи не во профилот на секој од присутните во собата, како и влијанието на нивните лични животни премрежија, навидум сосема неповрзани, при изјаснувањето во процесот и големата дилема на мостот помеѓу вината и невиноста, меѓу праведноста и милосрдноста. За љубителите на филмските класици ова е задолжителна „лектира“. Ви ветуваме интензивно уживање.
Погледнете го трејлерот.