Предавањето на предметите на СЈО ќе ѝ ги зголеми шансите на Јанева за укинување на притворот?

Одлуката падна – Јавното обвинителство на Република Северна Македонија реши да ги преземе во надлежност и натамошно постапување предметите кои ќе му бидат предадени од страна на Специјалното јавно обвинителство. Ваквиот развој на настаните, од друга страна, може да ги зголеми шансите за укинување на мерката притвор за специјалната јавна обвинителка, третоосомничена за „Рекет“ – Катица Јанева, барем според експертите.

Јанева има лична причина да ги предаде предметите на СЈО во надлежност на државното Обвинителство, вели адвокатот Јанаки Митровски во интервју за ТВ „Алфа“. Преку таквата постапка таа гледа можност да излезе од притвор.

„Катица Јанева, да беше загрижена за предметите, немаше да си дозволи да го доведе СЈО и целокупниот правен поредок пред свршен чин и на вакво дереџе со нејзината инволвираност во оваа мега-афера. Нејзината загриженост можеме слободно да ја отпишеме како причина, но постои лична причина кај Катица Јанева. Не заборавајте дека притворот ѝ беше одреден по сите три основи, а со самото предавање на предметите ќе отпаднат, барем таа се надева, две од тие три. Тоа се: можноста да се повтори кривичното дело, и влијание врз истрагата и сведоците. Со тоа таа би се надевала на евентуално добивање на домашен притвор“, објаснува Митровски.

Тој истакна и дека смета дека постои одредена координација помеѓу Катица Јанева и извршната власт, делумно и Републичкото обвинителство.

„Тоа е мое мислење. Не мора да е точно, но јас сум прилично убеден дека е така. Мене сѐ тоа ми изгледа искоординирано; Сега одеднаш, непредизвикана од ништо, Катица Јанева се реши да се откаже од предметите, иако претходно реагираа и дел од замениците обвинители дека не ги даваат предметите, односно дека ги работеле со години и сметаат дека тие треба да продолжат да ги работат, иако подоцна, нели, ретерираа“.

Митровски додаде и дека не е најважно дали ќе се изнајде решение, туку решението што ќе се изнајде да е квалитетно и да е во согласност со законските одредби.

„Вакво заобиколување на законот, но и на опозицијата – која за волја на вистината има интерес да пропаднат овие истраги, тоа не е никаква тајна – не е дозволиво во една земја која што сака да претендира да биде ЕУ кандидат“, заклучува тој во интервјуто дадено пред Јавното обвинителство да одлучи дека ќе ги прифати предметите што ќе му бидат предадени од Специјалното јавно обвинителство.

- Реклама -