Пред Рама, самиот фотограф ја претставил Лешница како албанска, иако фотографирал во Македонија

Големоалбанска провокација или грешка од незнаење и невнимателност на Еди Рама, претставувајќи го кањонот на Лешница, инаку во близина на село Бозовце, како дел од „прекрасната Албанија“? Дилемата (донекаде) ја разреши фотографот Африм Тахирај – авторот на фотографијата.

„Така е кога никој не ме прашува кога ги споделува моите фотографии“, изјавил Тахирај по повод грешката на Рама, пренесува „Радио МОФ“. Тој истакнува дека Лешница има и во Албанија, но објасни дека фотографијата ја направил во Македонија.

Имено, Тахирај во своето слободно време посетува планини и ги документира природните убавини, а фотографиите потоа ги споделува на Инстаграм. Објасни дека има роднини во Бозовце, кои пред една недела ги посетил и со кои бил на планинска прошетка, по која споделил неколку фотографии кои наишле на големо воодушевување.

Според него, проблемот настанал кога фотографијата почнала да се споделува без опис, па така стигнала и до премиерот Рама, пренесува „Радио МОФ“.

Меѓутоа, ако се погледнат хаштазите што Тахирај ги искористил кога ја споделил фотографијата, лесно ќе се увиди дека фотографот, ако самиот не е извор на забуната, тогаш барем придонел за истата. Иако во текстот крај фотографијата тој напишал дека е од Лешница, Шар Планина, во хаштазите има искористено „#Албанија“ и „#ПосетиЈаАлбанија“, а никаде ја нема спомнато Македонија.

Во меѓувреме, 16 часа откако е објавен, постот на Рама сѐ уште стои на неговиот профил, без никаква интервенција и евентуална поправка.

 

- Реклама -