Пред партиското седиште Бериша дочекан како херој, за него Рама е најголем криминалец

Лидерот на опозициската Демократска партија, Сали Бериша, кому денеска му беше укината мерката “домашен притвор”, попладнево пред партиското седиште беше пречекан како херој.

„Сали, хероју, цела Албанија тебе те сака“, “Рама оди си” “Долу диктатурата” извикуваа, меѓу другото, големиот број сопартијци, приврзаници и граѓани, носејќи албански, американски и партиски знамиња.

Поздравувајќи ги и барајќи од нив трпение тој порача дека „денеска победила вистината, додавајќи дека отсега е време за акција“.

Рече и дека во текот на годината кога бил во „куќен притвор“ го соборил рекордот за најголем број говори. Тој секоја вечер од прозорецот на неговиот стан се обраќаше пред сопартијци и граѓани.

-Денеска е денот кога Еди Рама и монструмот Џорџ Сорос доживеаја целосен неуспех. Денеска тригодишната напорна работа триумфираше и беше наградена. Ние се залагавме за вистината и вредностите во кои веруваме. По долго време откако Албанија не гледа добри денови, денеска е добар ден за Албанците. Сали Бериша денеска не победи, денеска победи вистината. Албанија денеска победи. Годинава го срушив рекордот по број на говори, околу 330, рече Бериша.

Прочитајте и:  Конгрес на хотелиери на Хрватска: Хрватска поскапа од Албанија за 52 отсто

Веднаш потоа имаше прес-конференција на која искажа тешки обвинувања на адреса на премиерот Еди Рама и за Таулант Бала, поранешен министер за внатрешни работи.

-Таулант Бала е обвинет дека нарачувал убиства. Има политички штит и со него станува најсилниот во градот и ги раководи началниците на полицијата и претседателите на судовите. Најкриминалец од сите е Еди Рама, тој е најприсутна личност на Sky ECC dhe Encrochat. Тој е најголемиот криминалец, обвини Бериша.

Се пофали дека „оние кои работеа како адвокати во времето на Бериша многу добро ја знаат поддршката што им ја дадов за исполнување на нивните законски обврски”.

Овие сега, додаде, изградија правосуден систем кој „може да ја доведе земјата до граѓански конфликт“.

Прашан дали стравува СПАК да не ја обжали одлуката на судот одговори „што сакаат нека прават”.

- Реклама -