Право на гласање, парична помош, работа… Што сé добива Груевски со азилот во Унгарија?

Груевски на Сејшели во 2012-та. Според моменталната ситуација, подеднакво „сончева“ ќе му биде и Унгарија.

Опозициските медиуми обвинуваат дека унгарската влада прекршила низа домашни и меѓународни закони и дека унгарскиот премиер Виктор Орбан ја претворил земјата во дом на „политичко ѓубре“, а претседателот на парламентарниот Одбор за национална безбедност – Адам Миркоски, за денес свикал нова, вонредна седница на Одборот, на која ќе бара објаснување за тоа како Груевски дошол во Унгарија, кој му помогнал и кој му пружил засолниште.

Во меѓувреме, со добиениот азил, Груевски добива низа привилегии, барем во споредба со тоа што го чекаше ако останеше во земјава.

Пред сé, како што истакнал унгарскиот министер за правда – Лазло Трошани во вчерашното интервју на „Ехо ТВ“, сега Груевски може да добие патни документи и слободно да ја напушти Унгарија ако сака.

Ако не сака, пренесува Фактор.мк, азилот на Груевски му овозможува право на престој во Унгарија од три години, гласање на локални избори, како и право да бара работна дозвола.

Обезбедена му е и меѓународна заштита, што значи дека не може да биде протеран ниту испорачан на некоја друга држава.

Згора на тоа, Груевски ќе има и право на здравствени услуги, а од државата ќе добива парична помош од 28.500 форини (~100 долари) т.е. околу 5.450 денари месечно, што е речиси двојно повеќе од намалувањето на пратеничката плата од 3.000 денари што му беше одредено според Деловникот за неоправдано отсуство.

Статус на азилант добиваат и неговите најблиски членови на семејството, пишува Фактор.мк.

 

 

- Реклама -