Симптомите на Ковид-19 – болеста која ја предизвикува коронавирусот, како температура, кашлање и губење на здивот, се веќе познати. Оториноларинголозите сега предупредуваат на уште еден симптом за кој веруваат дека е поврзан со болеста – аносмија, односно губење на чувството за мирис.
Аносмија е ненадејно губење на чувството на мирис, но без затнување на носот. Некогаш е проследена и со губење/намалување на чувството за вкус (агеузија).
Неколку луѓе кои заболеа од Ковид-19 пријавија аносмија како еден од симптомите, истакна вториот човек на француското министерство за здравство – Жером Саломон.
Дека го изгубил чувството за вкус и мирис се пожали и францускиот НБА кошаркар од Јута Џез – Руди Гобер.
Сепак, симптомот е прилично редок и најчесто се јавува кај младите пациенти со блага клиничка слика на Ковид-19. Француското здружение на оториноларинголози сепак повикува да се посвети внимание и на овој потенцијален синдром.
„Сите изолирани аносмичари беа позитивни на вирусот“
Постои очигледна врска меѓу аносмија и вирусот, тврди Жан-Мишел Клин, претседател на националниот сојуз на оториноларинголози.
„Не сите со Ковид-19 ќе развијат аносмија, но сите изолирани аносмичари, без локално воспаление, беа позитивни на коронавирусот“, изјави тој и додава:
„Луѓето кои искусуваат аносмија мораат да бидат изолирани“.
Сепак, класичната терапија за аносмија – кортикостероидите, сепак не смее да се користи, бидејќи го намалува имунолошкиот одговор на организмот кон вирусот, потенцира Жан-Мишел.
До слични заклучоци за поврзаноста на аносмијата со Ковид-19 дојдоа и германските и американските експерти.