„Позитивен протест“ пред Влада, Бардовчани го пречекаа Маричиќ со бонбони и цвеќиња (ВИДЕО)

На 5 дена пред изборите кои, според изјавите на премиерот Зоран Заев, можат да се одлучувачки за тоа дали тој ќе остане на таа позиција, Владата на вчерашната седница донесе одлука за стопирање на изградбата на Прифатниот центар за странци во Бардовци и негово преместување на локација надвор од населено место, откако локалните жители со месеци протестираа против изградбата на таков објект, а Владата ги припишуваше причините за незадоволството на дезинформациите дека во центарот ќе се згрижуваат мигранти, што МВР категорично го демантираше.

Одлуката за стопирање на изградбата, истакнаа од Владата, доаѓа токму како одговор на барањето на граѓаните од Бардовци и Волково.

„Граѓаните имаа оправдани дилеми поради што неколку пати за ова се обраќаат до централните институции, Општина Карпош и до меѓународната заедница. Во директна комуникација со граѓаните на Бардовци, Владата ги уважува нивните аргументи и во транспарентна постапка ќе бара нова локација надвор од населено место со цел реализација на овој важен проект“, соопштија од „Илинденска“ бр.2.

Организацискиот одбор на Граѓаните на Бардовци, преку соопштение, ја поздрави одлуката на Владата:

„Долга беше борбата, веќе три месеци сме на улица. Направивме бројни средби со клучни политички фигури во нашата држава. Сепак, конечната заложба од македонски политичар, а со тоа подоцна и решението, беше постигната на средбата во саботата (23.10.2021 година), помеѓу организациониот одбор на Граѓаните на Бардовци со министерот за правда во Владата на Република Северна Македонија – Бојан Маричиќ.

Притисокот на Бардовчани вроди со плод. Се боревме за иднината и сигурноста на нашите деца и успеавме во тоа. Среќа што конечно наидовме на слух од страна на Владата и на денешната владина седница беше стопирана изградбата на Прифатниот центар за странци и ќе се бара ново место каде што тој ќе биде изграден“, порачаа Бардовчани.

Тие потенцираа дека покрај заложбите на Маричиќ, нивниот успех се должи единствено на нивната сопстевна упорност:

„Горди сме да истакнеме дека овој успех се должи единствено на упорноста на сите жители на Бардовци и заложбата на министерот за правда. Иако направивме бројни средби со различни политички структури и политичари, мораме да потенцираме дека победата се должи единствено на нашата борба и ниту една политичка партија или поединец од политиката немаат во тоа никаква заслуга. Не сакаме според познатата ‘после војна сите се генерали’ на нашиот труд и мака да се надоврзат разни профитери. Борбата и успехот во неа се должи единствено на ГРАЃАНИТЕ НА БАРДОВЦИ! Секако, тоа ќе го потврди и македонската влада која ете, најде слух за најголемиот проблем кој во последно време ги мачеше жителите на оваа скопска населба“, се вели во соопштението, додавајќи и дека им оддаваат посебно признание и на македонскиот претседател – господинот Пендаровски и шефот на Делегацијата на Европската Унија во нашата држава – Гир, кои веднаш и безрезервно ги примиле и ги сослушале граѓаните на Бардовци.

Во истото соопштение, тие најавија и дека денеска повторно ќе бидат пред Владата, но за да ја поздрават и овековечат одлуката и за да го поздрават Маричиќ, кој поради својата заложба, велат, навистина ќе има посебно место помеѓу Бардовчани.

Така и се случи. Со дузина автомобили и развеани македонски знамиња, Бардовчани денеска го пречекаа министерот за правда со цвеќе и бонбони. Во изјава за медиумите, тој истакна дека ова е голема победа на граѓаните, но и на Владата, затоа што едното без другото не може.

„Верувајте ова не беше ниту лесна одлука, ниту нешто што можеше брзо да се направи, но го завршивме успешно и го завршивме во интерес и на барање на граѓаните. Владата вчера на седницата донесе одлука за стопирање на градбата на Прифатен центар за странци во Бардовци и одлука со која што беа задолжени две министерства да бараат нова локација вон населено место, така како што бараа граѓаните на Бардовци. Мислам дека е ова голема победа за граѓаните, но голема победа и успех и за Владата затоа што не може Владата без граѓаните, ниту граѓаните без Владата“, изјави вечерва Маричиќ по средбата со Бардовчани пред зградата на Владата.

Потенцираше дека граѓаните имале дилеми и стравови во однос на Прифатниот центар и дека Владата покажала дека сака да ги чуе и да ги уважи.

„Покажавме дека сакаме да ги чуеме и дилемите и проблемите и стравовите на граѓаните и не само што сакаме да ги чуеме, туку сакаме и да ги уважиме и да донесеме соодветни одлуки за да имаат мирен живот, за да имаат спокоен живот и за да веруваат во институциите. Мислам дека ако ова го продолжиме како тренд, ако умееме да признаеме кога некогаш за нешто сме направиле пропуст и ако ги послушаме граѓаните, успехот е загарантиран и за граѓаните и за нас“, рече Маричиќ, честитајќи им на Бардовчани за нивната упорност, со порака дека вратите на институцијата ќе останат отворени за сите нивни проблеми и сѐ она што им треба и како населба, и како општина, но „секако и како граѓани на целата држава“.

Бардовчани, за медиумите, посочија дека ова е успех на граѓаните, но дека без министерот и Владата немало да го постигнат договорот. Тие изразија благодарност до сите жители за тоа што, како што посочија, се бореле заедно со цел да се постигне овој договор, да се надминат препреките и да се најде заеднички јазик.

Извор: МИА

- Реклама -