Ноќеска, околу 2 часот по полноќ, повторно бил оштетен бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид. Искршени се стаклото и дел од светлечката реклама.
„Во СВР Охрид пријавено е оштетување на стакло од излог на ‘Здружение на граѓани Цар Борис III’, лоцирано на булеварот ‘Македонски Просветители’ во Охрид. Полициски екипи извршија увид и се работи на расветлување на настанот“, изјави за МИА портпаролот Стефан Димоски.
Оштетувањето, според првичните информации, било направено со тврд предмет, камен.
„’Маскирани Патриоти’ на кои им се гледаат лицата уште еднаш ги нападнаа бугарите и бугарските клубови. До кога ќе молчиме?“, пишуваат од здружението „Цар Борис Трети“, на нивниот Фејсбук профил, во објавата за оштетувањето на нивните простории.
Инаку, како што може да се види таму, во четвртокот здружението прославило една година постоење, а присуствувал и генералниот конзул и претставници од генералниот конзулат, како и Милен Врабевски – основачот на „Фондация Българска Памет“, која го помага клубот.
За потсетување, ова е второ оштетување на просториите на клубот. Пред повеќе од еден месец беше искршена светлечката табла, само неколку дена по отворањето, кое се одвиваше во тензична атмосфера и протести. Тогаш сторителот, 47-годишен охриѓанец, сам се пријави во полиција и го призна делото.
Во меѓувреме, со неодамнешните измени на Законот за здруженија и фондации, „Цар Борис Трети“ доби рок од три месеци да го смени името. Меѓутоа, министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера информираше дека Владата работи на „системско решение“, односно на целосно нов закон здруженијата и финдациите, кој ќе биде пратен на оценување во Венецијанската комисија пред да биде усвоен.
„Од моја страна беше најавено дека ќе ѝ предложам на Владата. Владата излезе со решение дека ќе има нов закон кој што веќе почнува да се работи и новиот закон ќе биде испратен до Венецијанската Комисија пред да биде усвоен, што значи истата цел се постигнува. Меѓутоа, тоа е пристапот на Владата. Мора да се разговара дополнително. Меѓутоа првите индикации од Владата се дека треба нов закон, бидејќи ова беше решение ад хок, решение за моментот. Сега се прави ново системско решение за законот за здруженијата“, рече Османи, прашан до каде е најавата за испраќање на Законот за здруженија до Венецијанската Комисија.