Кака открива дека побарал од лидерите на Милан да не му исплаќаат плата се додека целосно не се опорави од повредата.
По четири години поминати во Реал Мадрид, Бразилецот во последниот ден од летниот трансфер период се врати на Сан Сиро.
Во саботата тој одново го облече дресот на ’Росоњерите’ и настапи на дуелот против Торино.
Сепак, Кака заработи повреда на задната ложа на своето деби, и најверојатно ќе паузира околу еден месец.
Бразилецот е разочаран од ваквиот развој на настаните и открива дека побарал да не му се исплаќа плата се додека целосно не се опорави од повредата.
„Веројатно прочитавте за мојата повреда” – рече плејмејкерот во видео порака до фановите.
„Разговарав на оваа тема со лидерите на клубот. На крајот одлучив дека од Милан сакам само љубов и поддршка додека да се опоравам и бидам подготвен за настап”.
„Поради ова, одлучив да ги суспендирам моите примања додека сум надвор од стројот. Барам само поддршка и помош за добро да се опоравам”.
„Веќе започнав со процесот на рехабилитација и морам да кажам дека поддршката што ја добив изминативе денови ми дава огромна мотивација за што поскоро да се вратам на терените”.
Од таборот на Милан соопштија дека врз Бразилецот ќе бидат направени нови тестови за дест дена и тогаш ќе се има јасна слика колку време ќе паузира Кака.
„Милан може да соопшти дека тестовите извршени врз Кака покажаа исекотина на мускулот на задната ложа. Играчот ќе замине на нови тестови за дест дена и тогаш ќе се има појасна слика за времето потребно за целосно опоравување” – гласеше известувањето на тимот од Сан Сиро.
Текстот е објавен во соработка со 24Фудбал