Повеќе од 40 лица загинаа, а над 3.000 се заразени со колера во нигериската сојузна држава Борно, согласно информациите од локалните власти, кои предупредуваат дека оваа епидемија претставува една од најсериозните здравствени кризи во регионот во последните години.
Епидемијата беше забележана во периодот од 1 до 28 мај и досега се проширила во 139 заедници во рамките на седум локални административни области, од кои најпогодени се Маидугури, Џере, Мафа, Кондуга, Монгуно, Нгала и Магумери. Според извршниот секретар на државната агенција за здравствено осигурување, Салех Аба-Каза, првите сомнителни случаи се јавиле на 1 мај, додека самата епидемија официјално била потврдена три дена подоцна.
Најтешко погоденото подрачје е Маидугури, каде што се регистрирани повеќе од 2.000 случаи на зараза, а во соседниот Џере има над 1.000 заболени. Во последните 24 часа, биле пријавени повеќе од 100 нови случаи. Властите најавија дека се преземаат засилени мерки за спречување на понатамошното ширење на болеста.
Во здравствените установи се доставуваат лекови, медицински материјали и средства за дезинфекција, а пациентите добиваат бесплатна здравствена грижа. Истовремено, се спроведуваат информативни кампањи за едукација на населението, а во погодените заедници се дистрибуираат таблети со хлор, средства за дезинфекција и друга санитарна опрема.
Сепак, болниците во Маидугури и Џере се под голем притисок поради високото количество на пациенти. Во некои медицински центри, заболените се сместуваат на подот поради недостиг на простор, а во голем дел од случаите има многу жени и деца. Здравствените власти предупредуваат дека ширењето на колерата е поврзано со неисправни извори на вода, лоши санитарни услови и пренатрупани кампови за внатрешно раселени лица, каде што ризикот од зараза е особено висок.




