Во Охрид вчера започна јубилејното, петто издание на ракометниот камп „40х20“. Овој настан ќе трае до сабота и ќе собере над 120 учесници од пет држави: Македонија, Шведска, Германија, Швајцарија и Србија. Во текот на следните седум дена, младите ракометари ќе имаат можност да ги усовршуваат своите вештини, да стекнуваат нови знаења, да се дружат и да учествуваат во различни едукативни и забавни активности.
Организаторите и оваа година понудиле широка и разновидна програма, која вклучува спортски, едукативни и развојни содржини. Основната цел останува иста – да се поттикне љубовта кон ракометот кај најмладите, а за постарите учесници да се осигура работа со врвни тренери и дополнителна надградба на нивните способности и знаења.
Тимот на тренери, кој веќе неколку години успешно соработува со камперите, оваа година е дополнително збогатен со двајца истакнати гости. Поранешната македонска репрезентативка, Љубица Георгиевска, која живее и работи во Данска, ќе сподели своето искуство, како и Владан Јордовиќ, познат експерт на Балканот, кој е координатор на младинските категории во ПИК Сегед.
Како дополнителна вредност, програмата оваа година е збогатена со предавања и практична работа од областа на спортската психологија, кои ќе ги води ленче Алексовска, врвниот македонски спортски психолог и професор на Факултетот за физичка култура. За постарите камери ќе се спроведе дијагностика на антропометриските карактеристики и моторичките способности, со цел објективно оценување на нивниот физички потенцијал. Овој сегмент ќе го реализира професорот Ацевски од Факултетот за физичка култура.
Ракометниот камп „40х20“ првично започна во 2022 година како дел од проектот „Ракомет за секое дете“. Освен кампот, проектот опфаќа и школа за ракомет, како и организиран турнирски систем во мини-ракомет, со цел создавање квалитетна средина за спортски и личен развој на младите ракометари.




