Потона сервисна платформа, рускиот носач „Адмирал Кузњецов“ оштетен од паднат кран

Рускиот носач на авиони „Адмирал Кузњецов“ – главниот брод на руската морнарица, оштетен е кога врз неговата палуба паднал кран од сервисната пловна платформа додека бродот бил на поправка и надградба во пристаниште недалеку од Мурманск.

Носачот учествуваше и во воената кампања на Русија во Сирија. Од него полетуваа  авионите кои вршеа напади врз бунтовничките сили.

Ударот од кранот направил дупка на трупот на бродот над површината на водата со димензии од 4 на 5 метри. Сепак, ова се штети кои лесно се поправаат и малку чинат, вели директорот на бродоградбената компанија USC – Алексеј Рахманов, додавајќи дека иако се оштетени трупот и палубата, не се оштетени виталните делови на носачот. Се очекува штетата да биде брзо санирана и надградбата да продолжи според предвиденото, а бродот да биде оспособен најдоцна до 2021 година.

Инаку, „Адмирал Кузњецов“ се сервисира во пристаништето во ледените води на заливот Кола. Гувернерката на Мурманск, Марија Ковтун, соопшти дека е во покрената спасувачка акција и дека биле евакуирани 71 лица кога платформата под бродот почнала да тоне. Бродот успешно се извлекол од пристаништето пред платформата целосно да потоне, но во инцидентот едно лице е исчезнато, а четири се повредени. Нив им се укажува помош, бидејќи по падот во ледената вода претрпеле хипотермија.

До инцидентот дошло поради прекин на електрична енергија на платформата, при што нејзините резервоари за вода брзо се наполниле, по што платформата почнала да тоне.

Покрената е и кривична истрага за инцидентот.

- Реклама -