Професорите Саво Климовски, Тања Каракамишева, Гордана Силјановска и Трајко Славевски, како и поранешниот министер за финансии Зоран Ставревски се кандидатите меѓу кои ВМРО-ДПМНЕ ќе го бира својот фаворит за претседателските избори, дознаваме неофицијално од партиски извори.
Со цел да се провери рејтингот на овие петмина кандидати, партијата, според нашите информации, деновиве спроведува анкета за да се види расположението на гласачите.
Претходно, пак, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека најдоцна до 11 јануари партијата ќе го објави огласот за пријавување кандидати за претстојните парламентарни избори во Македонија.
Огласот, како, што рече Мицкоски, ќе трае десетина дена, по што кандидатите ќе го дадат нивното образложение за визијата за иден претседател на Република Македонија и за политиките кои ќе ги водат, во рамките на општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ, преку средби со граѓани.
Финалниот кандидат за претседателските избори ќе се знае на Конвенцијата за претставувањето на кандидатите, која што ќе се одржи на 16 февруари 2019 година. Мицкоски во изјавата за медиумите не сакаше да коментира за евентуални имиња кои се споменуваат како можни кандидати за претседател.
Дел од споменатите кандидати беа и во прашањето на последната анкета на Телма и МЦМС. На таа анкета Каракамишева доби поддршка од 2,7 отсто, Силјановска и Славевски 2,4 отсто, а Климовски и Ставревски не беа меѓу можните имиња. Но, претседателот на партијата, Мицкоски имаше поддршка од 8,2 отсто.