Постои ли самоубиство кај животните?

Самоубиството кај животните е прилично контроверзно прашање во светот на животинските истражувања и психологија. Има бројни случаи во кои животните, навидум намерно, си го одземаат животот, но сепак, останува нејасно дали овие случаи можат технички да бидат класифицирани како самоубиство.

За почеток, најсуицидалните животни од сите – леминзите, не се фрлаат од карпи кога мигрираат, како што се мисли. Митот веројатно настанал благодарение на документарецот на Дизни „White Wilderness“, во кои екипата намерно фрлила неколку леминзи во река, затоа што тогаш се сметало дека тоа е нешто што овие животни често го прават, а на филмската екипа и требала снимка.

Можеби најпознат случај на самоубиство кај животните е оној на мостот Overtoun. Наводно, околу 1960-те, десетици кучиња скокнале од мостот, кон својата смрт, без никаква причина. Иако бројот на кучиња варира од извор до извор, настанот беше многу популарен и актуелен во медиумите, се додека бихејвиоралниот експерт Дејвид Сендс не ја реши мистеријата. Се испостави дека под делот од мостот од кој кучињата скокале кон својата смрт, се криело гнезно на минкови (животни од родот на ласиците). Дополнително, најголем дел од кучињата-самоубијци биле од раси со долга муцка, познати по исклучителното сетило за мирис. Така, Сендс заклучува дека кучињата воопшто немале намера да си го завршат животот – едноставно, тие биле привлечени од силниот мирис на блиско крзнесто животно. Исто така, оградата е повисока од линијата на видот на повеќето кучиња, па тие не ни биле свесни дека скокаат од мост.

Уште еден пример, кој алудира на тоа дека кучињата се способни на апстрактно размислување кое би придонело кон одлуката да си го одземат животот, е оној објавен во London News во 1845-тата, за куче кое одново и одново скокало во водата и одбивало да мрда додека не се удавело. Наводно, секогаш кога ќе го спаселе, кучето се враќало на истото место и се обидувало да се самоудави. За жал, сите аргументи за точноста на овој настан се затрупани некаде во историјата, а она што денес го имаме како најблизок доказ за овој феномен се кучињата што одбиваат да јадат по загубата на нивниот сопственик, случаи од кои само неколку продолжиле до самата смрт. Дури и тогаш, останува прашањето: Дали кучето што не јаде, не јаде за да умре, или не јаде затоа што е тажно и нема апетит? Бидејќи, да не заборавиме, за еден акт да биде оценет како самоубиство, потребно е оној што го прави да е свесен дека тоа што го прави ќе му го заврши животот.

4761971836_a2916370f6_z[1]

Невозможно е со сигурност да се тврди дека некое нечовечко суштество знае дека преземената акција ќе го одведе во смрт. Имајќи го тоа во предвид, постојат неколку видови на инсекти кои „самоволно“ допуштаат да бидат убиени, а ретко, самите тие се погрижуваат за тоа.

Така, одредени видови мравки имаат способност да самоексплодираат кога се под закана (притоа емитирајќи лепливи и отровни супстанции). Сепак, дури и тие да се свесни дека при овој несебичен акт во полза на колонијата ќе престанат да егзистираат, тоа тешко може да се нарече самоубиство, туку жртвување, исто како еден војник што би скокнал на граната за да ги спаси блиските војници од експлозијата. Мравката се жртвува за „повисокото добро“, затоа што еволуирала да ги стави потребите на мноштвото, пред своите.

Forelius pusillus е уште еден вид мравка што се жртвува за колонијата. Секоја вечер, на гнездото му е потребен „капак“, нешто што ќе го запечати влезот на начин кој го прави гнездото тешко за детекција од страна на предаторите. Така, болните и постарите мравки волонтираат и остануваат надвор од мравјалникот. Кога сите мравки ќе влезат, овие жртвените го запечатуваат и маскираат влезот, по што најчесто умираат, од тоа што се оставени надвор.

Исто така, медените пчели самоволно ги експлодираат своите пениси, по што умираат, само заради најмала шанса да ги пренесат своите гени. Дополнително, тие доброволно го напуштаат ројот ако знаат дека се инфицирани со болест што може да им наштети на останатите пчели во колонијата.

Јапонските пчели, кога се бранат од Џиновскиот азиски стршлен, намерно се групираат и го опколуваат непријателот во топка. Штом го заробат, доброволно си ги откачуваат крилата и почнуваат енергично да ги стегаат мускулите, што генерира доволно топлина, која заедно со високите количини на јаглероден диоксид, е доволна за да го убијат стршленот. Дел од пчелите најблиску до телото на стршленот исто така загинуваат, но сепак, тие тоа го прават „доброволно“, за доброто на заедницата.

На крајот, останува заклучокот дека кога се зборува за самоубиство кај животните, всушност се зборува за нивната когнитивна способност да го разберат таквиот концепт. Дали пчелите во средината разбираат дека така ќе го загубат животот или пак само се однесуваат според одредени одбранбени механизми вградени во мозокот? Едноставно, не знаеме, па така немаме ни доказ дека постои такво нешто како „самоубиство“ во животинското царство (надвор од луѓето). Што пак наметнува едно друго прашање: Што е тоа толку силно нешто на кое единствено човекот не е отпорен и може да го натера на ваков драстичен чекор?

- Реклама -