Постигнат е договор со „Фајзер“, Филипче се пофали дека првите вакцини ќе пристигнат во февруари

Република Северна Македонија во февруари ќе ги добие првите дози на вакцината на Pfizer. Денеска попладне бил постигнат директен договор со компанијата, информираат од Министерството за здравство.

„Чест ми е да информирам дека во февруари ги добиваме првите дози на Фајзер вакцината. 💪 “, напиша министерот Венко Филипче на Фејсбук.

Што се однесува до количината, таа ќе биде позната во текот на следните недели, велат од министерството. По првичната количина, следните дози ќе пристигнат во март и април.

„Министерството за здравство продолжува разговори за обезбедување вакцини и преку преговори со земјите членки на ЕУ како и преку Ковакс механизмот од каде се очекува распоредот и датумот за дистрибуција на првите количини. Ова е одлична вест за сите граѓани и прв чекор кон конечна победа над пандемијата“, велат од Министерството за здравство, додавајќи дека во јануари се очекуваат и фрижидерите за складирање на овие вакцини, со што македонскиот здравствен систем ќе биде целосно подготвен за вакцинацијата.

- Реклама -