Постигнат договор за текстот на регулативата „Евро 7“ за емисии на штетни гасови од возилата

Советот на ЕУ и Европскиот парламент постигнаа привремен договор за регулативата за намалување на емисиите на штетни гасови од автомобилите, комбињата, автобусите и камионите и за издржливост на батериите на електричните возила, позната како „Евро 7“.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, со овој акт се задржува истото ниво на максимални количества на емисии на издувни гасови од автомобилите и комбињата како и во претходната регулатива што го уредуваше овој сектор „Евро 6“, но се намалуваат дозволените лимити на емисии од автобусите и камионите и се воведуваат ограничувања за испуштените честички од сопирачките и гумите и се бара подолго времетраење на батериите кај електричните возила.

Регулативата „Евро 7“ треба да ја замени „Евро 6“, со која се утврдени правилата за емисии на штетни гасови од автомобилите и комбињата, како и „Евро VI“ со која се регулира овој сегмент за камиони и автобуси.

Со „Евро 7“ се воведува единствен сет на правила за ограничувања за емисиите и за лесни и за тешки возила, односно за автомобили, комбиња, автобуси и камиони.

Прочитајте и:  ФТ: Западот останува зависен од Кина поради ниските цени на литиумот и високите оперативни трошоци

Регулативата „Евро 7“, која Европската комисија ја претстави на 10 ноември 2022 година, е дел од Стратегијата за одржлива и паметна мобилност на ЕК од 2020 година и Акцискиот план за нулто ниво на загадување за 2021 година.

Овој законски текст се надоврзува на Регулативата за зајакнување на стандардите за емисии јаглерод диоксид од новите патнички возила, усвоена на 19 април 2023 година, со која се предвидува целосна забрана на производство на автомобили и комбиња со мотори со внатрешно согорување од 2035 година. Од друга страна, производството на камиони, автобуси и други тешки возила со мотори со внатрешно согорување ќе биде дозволено и по овој датум.

Привремениот договор постигнат меѓу Европскиот совет и парламент сега треба да биде одобрен и формално усвоен од двете институции.

- Реклама -