Марина Амарал е дигитален уметник, а најмногу е посветена на колоризирање на историски фотографии. Неодамна Амарал ги сподели последните фотографии од една 14-годишната Чеслава Квока (Czeslawa Kwoka) – затвореничка во Аушвиц. Со колоризирање на инаку црно-белите фотографии, Амарал успева визуелно да ја истакне нејзината трагична сторија.
„Беше многу тешко да се зјапа во нејзиното лице толку долго, знаејќи што ѝ се случило. Сакав да ѝ дадам на Чеслава можност да ја раскаже нејзината приказна, приказна која е заедничка за толку многу други жртви“, вели Амарал.
Оригналните фотографии се направени од Вилхелм Брасе, попознат како „славниот фотограф од концентрациониот камп Аушвиц“.
„Јасно се сеќавам на фотографијата од оваа конкретна затвореничка“, рече фотографот во едно интервју. „Паметам бидејќи изгледаше толку млада, толку разоружувачки ‘девојчесто’. Кога пристигна во кампот, не можеше да разбере што ѝ се зборува. Па жената Капо (надзорник на затворениците) зема стап и ја претепа. Оваа германска жена едноставно го истури целиот гнев врз девојчето. Толку убаво младо девојче, толку невино. Таа плачеше но не можеше да стори ништо за да се одбрани. Пред да ја направам фотографијата, девојчето ги исуши солзите и крвта од исеченицата на устата. Да ви кажам искрено, се чувствував како мене да ме удираат, но не можев да се вмешам. Ќе беше фатално за мене“.
Чеслава била една од „отприлика 230.000 деца и млади луѓе на возраст помлади од 18 години“ меѓу вкупно 1.300.000-те луѓе кои биле депортирани во Аушвиц од 1940 до 1945 година. Чеслава била депортирана од Замоск, Полска, во декември 1942. Починала на возраст од 14 години, на 12 март 1943 година. За околностите на нејзината смрт нема никаква евиденција.