На стадионот „Ноу Камп“, на 1 април 2006 година, одигран е втоиот меч помеѓу Барселона и Реал Мадрид во сезоната 2005/2006. Тоа воедно и беше последното дерби во фудбалското првенство на Шпанија во кое Зинедин Зидан настапи како играч.
Првиот дуел таа сезона ѝ припадна на Барселона, која победи со 3-0. Во мечов одигран во Барселона, пак, тимовите ги поделија бодовите – натпреварот заврши 1:1.
Први до предност дојдоа домаќините со голот во 21-та минута на тогаш еден од најдобрите играчи на планетата – Роналдињо, од пенал. Четири минути подоцна, Реал остана со играч помалку, бидејќи Роберто Карлос заработи црвен картон и ги остави соиграчите на цедило против силната Барселона.
Сепак, односот на силите на теренот не изгледаше како „кралскиот клуб“ да игра со 10 фудбалери. Роналдо во 36-тата минута го израмни резултатот и внесе неизвесност во натпреварот. Бразилецот имаше шанса и да им донесе предност на Мадриѓаните, но тогашниот голман на Каталонците – Виктор Валдес, одлично интервенираше.
Туку назад на Зидан. На тој меч, Зизу беше еден од клучните играчи на Реал на средината на теренот. Успеа на неколку пати да го осуети нападот на Барселона и колку-толку да ја потсмири нивната препознатлива игра со додавања. Го напушти натпреварот во 79-тата минута, кога беше заменет од Данецот Гравесен.
Сезоната 2005/2006 беше последната во која легендарниот француски фудбалер одигра во дресот на тимот од „Сантијаго Бернабе“. Неколку месеци подоцна, по финалниот меч на Светското првенство во кој играа Франција и Италија, Зидан одлучи да ги смести копачките на закачалка и да се прости од фудбалот.
Интересното е што Зинедин Зидан, токму по 10 години – на 2 април 2016-та, повторно ќе го предводи Реал Мадрид во натпреварот од „Ел Класико“, но овој пат во улога на тренер.