Се очекува викендов данската влада да ги објави плановите за релаксирање на карантинските мерки против коронавирусот. Со тоа ќе стане првата земја надвор од Азија, што се решава на ваков чекор. Логиката зад ваквата одлука е проценката дека ризиците од длабока рецесија за данското општество можат да се покажат пострашни отколку втор бран на епидемијата, пренесува „Ројтерс“.
Данска беше една од првите земји во Европа која „запре“ во обид да го спречи ширењето на Ковид-19. Во моментов бројот на случаи се стабилизира, па земјата се соочува со тешка одлука која другите влади низ светот допрва ќе треба да ја разгледуваат.
Данската влада на 11 март ги затвори сите училишта, градинки, ресторани, кафулиња и теретани, како и границите – за најголем дел од странците. Во понеделникот, меѓутоа, владата најави дека постепено ќе почне да ги укинува рестриктивните мерки после Велигден, ако бројот на нови случаи и бројот на пoчинaти останат „стабилни“.
Очигледно, данската влада е релативно самоуверена дека може да го заштити населението од втор бран на Ковид-19. Премиерката Мете Фредериксен изрази надеж дека до крајот на неделава ќе презентира конкретен план за првата фаза на реотварањето на економијата, откако ќе се консултира со другите партии во владата.
Сепак, многу од Данците се загpижени околу тоа дали самоувереноста на данската влада има реална основа. Тие главно го поздравуваат брзото делување на властите и релативно раното воведување на карантинските мерки, но се плашат дека сето тоа може да биде залудно ако реотварањето по Велигден се покаже прерано.
„Ризикувате овие три недели на многу тежок карантин да ги направите тотално безвредни… Не ја гледам поентата од реотворање и потоа ризик сѐ да мора одново да биде затворено“, вели сопственик на мал латино ресторан во центарот на Копенхаген, кој се плаши дека евентуален втор бран на Ковид-19 кој би резултирал со втор карантин може само дополнително да го одложи враќањето во нормала.
„Политичка одлука“
„Ситуацијата во која се наоѓаме е далеку покомплицирана отколку едноставно ценење на човечкиот живот“, рече Фредериксен во понеделникот. „Немаме да отвориме учебник – ниту по здравство, ниту по економија – и да го најдеме правиот одговор… Математиката е преедноставна“.
Билансот на пoчинaти од Ковид-19 во Данска, каде мерките по секојдневниот живот се поблаги во однос на тие во Италија и Франција, заклучно петокот, изнесува 139. Бројот на xocпитализирани пaциeнти, пак, забележа пад во текот на оваа недела.
„Тоа што го направивме досега е многу разумно, но би сакал овој тренд да продолжи во текот на подолг период пред да се осмелам да речам дека кривата е срамнета“, вели Ханс Јорн Колмос – професор по клиничка микробиологија на Универзитетот на Јужна Данска.
Во своето обраќање Фредериксен признава дека се работи за „политичка одлука“.
Обичните Данци, пак, и самите се соочени со дилема.
„Дали вреди да се разболам наспроти целосно да го затворам локалот? Тоа досега ми е најтешката одлука“, вели сопственикот на ресторанот од Копенхаген.