„Убеден сум во победата на нашите национални и демократски каузи! На непријателите на нашата нација и демократијата ќе им замрзне насмевката на усните“, напиша поранешниот претседател на Албанија во објава на социјалните мрежи
Посилен сум од кога било, порача поранешниот претседател на Албанија и лидер на Партијата на слободата, Илир Мета во својата прва реакција по вчерашното негово апсење поради сомнежи за корупција.
Апсењето, вели тој во објава на социјалните мрежи, ја покажува паниката на „диктаторскиот режим од соочувањето со вистината.
„Моето денешно киднапирање на најнасилнички начин ја покажува паниката на диктаторскиот режим од соочување со вистините. Ве уверувам дека откако дознав за одлуката за моето апсење, се чувствувам посилно од било кога и уште повеќе верувам во мојата целосна невиност. Се чувствувам горд што бев насилно киднапиран од антиалбанци и оние кои говорат албански само поради мојот патриотизам и заштита на националните интереси“,
напиша Мета на Фејсбук.
Тој во објавата им се заблагодарува на сите членови на неговата Партија на слободата за поддршката што му ја дале и додава дека од денес се отвора нова страница во нивната борба без компромис со, како што вели, брутално инсталираната нарко-држава.
„Убеден сум во победата на нашите национални и демократски каузи! На непријателите на нашата нација и демократијата ќе им замрзне насмевката на усните“,
додава поранешниот претседател на Албанија.
Мета беше уапсен вчера во близина на трговски центар во Тирана, а по налог на Специјалното обвинителство за борба против организиран криминал и корупција на Албанија (СПАК).
Експретседателот се товари за перење пари, корупција и непријавување имот. Мета е обвинет за перење пари, корупција и непријавување имот. Тој неколкупати се појавуваше во СПАК на распит за случајот ЧЕЗ-ДИА. Станува збор за сериозен корупциски скандал во кој е вмешан еден од неговите блиски соработници и измама за наплата на долгот на ЧЕЗ, чешка енергетска компанија која работела во Албанија за време на владата на Сали Бериша, а ја приватизира албанската електродистрибуција, договор кој потоа беше раскинат.
Мета и неговата сопруга Моника Круемади, кои се во фаза на развод, исто така се под финансиска истрага.
Педесет и петгодишниот Мета беше шеф на албанската држава во периодот од 24 јули 2017 до 24 јули 2022 година.