Репрезентацијата на Португалија сосема заслужено стана првиот полуфиналист на Европскиот шампионат во Полска и Украина, откако на „Националната арена“ во Варшава славеше со 1-0 против селекцијата на Чешка.
Чесите предводени од својот чувар на мрежата Петар Чех долго даваа отпор на нападите на „европските Бразилци“ и нивниот најдобар фудбалер Кристијано Роналдо, но дефинитивно попуштија во 79 минута кога Мутињо одлично нафрли од десната страна а напаѓачот на Реал Мадрид мајсторски уфрлувајќи се покрај Гебре Селасие со глава ја смести топката во мрежата на Чешка.
{youtube}fPJOC0yPu6s{/youtube}
Претходно, Роналдо во два наврати ја погоди и рамката на голот на Чех, во 45 минута и потоа во 48 минута од слободен удар за на крајот сепак да го постигне својот трет гол на првенството.
Факт е дека тотална доминација на Португалците во текот на сите 90 минути, наспроти дефанзивниот фудбал на Чесите, им донесе плод. Португалија сега го очекува полуфиналниот дуел на 27 јуни против подобриот од натпреварот помеѓу европскиот шампион Шпанија и Франција.