Во текот на целиот шампионат целта на нашиот национален тим беше да се намали бројот на технички грешки и загубени топки, со што им овозможувавме на противниците да постигнуваат лесни голови. Сепак, лек за овој проблем не беше најден, па крајно поразително делува статистиката која вели дека ракометарите на Македонија на СП 2013 дури 92 пати ја загубиле топката. Со оглед на фактот дека одигравме шест средби на овој мундијал, станува збор за просек од околу 15,3 по натпревар, премногу за една сериозна репрезентација што најавуваше атак на висок пласман.
Само за споредба, единствената селекција која што загуби повеќе топки на овој светски шампионат од нас е Австралија, која што традиционално е тотален аутсајдер на елитните ракометни натпреварувања. „Кенгурите“ ја загубија топката дури 142 пати на овој мундијал, но тоа не е преголемо изненадување со оглед на фактот дека станува збор за една аматерска селекција. Чиле на петте натпревари во групата имаше дури 81 загубена топка и просек повисок од Македонија, но навистина жално е што како петта селекција во Европа мораме да се споредуваме со тоталните аутсајдери во светскиот ракомет. За споредба, Шпанија е селекцијата со најмал број на загубени топки, само 48 на првите пет средби, пред Јужна Кореја со 49.
Гледано индивидуално во нашиот табор, Наумче Мојсовски е ракометарот што најчесто ја губеше топката. Како еден од лидерите во нашиот национален тим тој често беше цел на груби стартови, но сепак бројката од 22 загубени топки делува превисока. Кире Лазаров загуби 15 топки, а изненадувачки висока е и бројката на Дејан Манасков, кој што како крило 14 пати ја загубил топката во дуелите со противниците.
Ако се бара причина за слабите резултати, една од главните дефинитивно е токму оваа. Сериозните репрезентации ги казнуваат сите грешки на противникот, а кога топката ќе се загуби петнаесетина пати на секој натпревар, нормално е да примиш барем десетина гола од противнапади. А со таква игра, дефинитивно не може да се обезбеди висок пласман на едно Светско Првенство.