Екс-премиерот на Грција – Алексис Ципрас, по „историската посета“ на 2 април годинава, во октомври повторно доаѓа во Скопје.
Како што јавува МИА од Атина, лидерот на СИРИЗА ќе присуствува на конференцијата во организација на „Економист“ под наслов „Зајакнување на моментумот за европска интеграција“, каде на различни панел дискусии ќе дебатираат и премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за европски прашања – Бујар Османи, министерот за надворешни работи – Никола Димитров, министерката за финансии – Нина Ангеловска, поранешниот претседател на Европскиот парламент – Мартин Шулц, поранешниот помошник државен секретар на САД – Вес Мичел, заменик претседателот на ЕП и европратеник од СИРИЗА – Димитрис Пападимулис, поранешниот премиер на Белгија – Ги Верхофштад, и други.
Ципрас, заедно со Заев и Шулц, ќе дискутира на панелот на тема „Кои се следните чекори за европска интеграција на Западен Балкан?“.