Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК, ака. Антикорупциска), ја разгледала анонимната пријава и одлучи да го затвори случајот околу стипендијата од 40.000 долари која од државата ја доби ќерката на министерот за надворешни работи – Никола Димитров. Комисијата одлучи дека нема конфликт на интереси и дека министерот Димитров не влијаел врз тоа неговата ќерка да ја добие стипендијата (повеќе детали ТУКА).
Од друга страна, Антикорупциска соопшти дека кога конкурирала ќерката на Димитров, примени биле вкупно 6 студенти. Како што објаснува членот на Антикорупциска – Горан Трпеновски, со добивањето на оваа стипендија овие студенти се обрзани по дипломирањето да се вратат во земјата и 6 месеци да бидат на располагање за вработување во органите на државната управа. Само ако државата не им понуди соодветно вработување во дадениот период, тие имаат право да се вработат во приватниот сектор.
Сепак, Трпеновски признава и дека досега никој не вршел проверка дали оваа обврска се исполнува и дали државата ги искористува овие високо едуцирани кадри кои се од исклучително значење. Ќе биде ли исто и со ќерката на Димитров, ќе дознаеме откако ќе дипломира.