Менаџерот на премиерлигашот Вест Бромвич Албион, Стив Кларк, во британските медиуми најави дека македонскиот интернационалец Горан Попов, кој пристигна во клубот од Бирмингем во последниот ден од летниот преоден рок, ќе чека шанса од клупата.
Прва опција за Кларк на позицијата лев бек и понатаму останува Лиам Риџвел, а Попов ќе треба да ги докаже своите квалитети на тренинзите и на натпреварите.
„Горан нема илузии. Тој знае дека доаѓа во клуб каде што ќе треба да се бори за место во тимот, впрочем како и сите останати фудбалери. Зголемената конкуренција може само да биде добивка за клубот. Во моментов, на позицијата лев бек предност има Лиам Риџвел. Сезоната е долга и ќе има шанси за сите фудбалери“, истакна Стив Кларк за британскиот “Express and Star”.
Вест Бромвич Албион в сабота му гостува на Фулам, а Горан Попов најверојатно ќе биде на клупата за резервни фудбалери.