Попов: Притисокот за формирање моноетничка албанска академија е нерационален и неоснован

Попов рече дека се неосновани и ставовите од поедини политички и интелектуални кругови дека професорите и интелектуалците од албанска етничка припадност нема каде да вршат научни истражувања, затоа што тоа можат да го прават на катедрите на трите државни универзитети каде што наставата се одвива и на албански јазик

Во Македонија, како и во сите унитарни земји од регионот и насекаде во светот, постои само една национална академија, која ја претставува државата во европската, но и во други меѓународни асоцијации на академии. Така, актуелниот притисок за формирање моноетничка албанска академија е нерационален и неоснован. Ова денеска на одбележување на 57-годишнината од основањето на Македонската академија на науките и уметностите – Денот на МАНУ го посочи нејзиниот претседател, академик Живко Попов.

Академик Живко Попов / Фото: Принтскрин

„Од нејзиното основање до денес, членови на академијата биле припадници на македонскиот народ, но и на другите етнички заедници. Така биле избирани припадници на албанската, турската, влашката, српската и други народности. Веќе неколку децении во нашите редови имаме и академик која е Полјачка. Она што е карактеристично за нашата мултиетничка академија е фактот дека кандидатите за членство и акадамиците никогаш не се прашувале да се изјаснат за нивната етничка припадност. Имало и периоди кога академиците Македонци не биле мнозинство во институцијата“,

рече академик Попов.

Сепак, посочи дека согласно практиката во други држави може да се формираат научно-уметнички друштва, како граѓански здруженија или, пак, академии во рамките на професионалните асоцијации од одредени области, како на пример, Академија за архитектура или правни науки.

Попов рече дека се неосновани и ставовите од поедини политички и интелектуални кругови дека професорите и интелектуалците од албанска етничка припадност нема каде што да вршат научни истражувања, затоа што додаде дека тоа можат да го прават на катедрите на трите државни универзитети каде наставата се одвива и на албански јазик.

„Како и на државниот научен Институт за зачувување на духовното и културно наследство на Албанците во Скопје, кој има сопствен буџет, како и во МАНУ. Впрочем, и членовите на МАНУ поголемиот дел од истражувањата ги прават на УКИМ и во другите државни универзитети и научни институти, а не само во самата академија. Овие факти јасно укажуваат дека во академските редови нема место за политиканство и за манипулација“,

вели тој.

На сите притисоци и провокации од надвор, како беше притисокот за формирање Албанска академија како чисто етничка институција во мултикултурно и мултиетничко општество како нашето, Попов рече дека МАНУ ќе одговори со стаменост, мудрост и доследност, дека науката и уметноста не познаваат каква било припадност, туку препознавање по резултатите на индивидуалното творештво и достигнување.

Во однос на употребата на јазиците во науката, за која рече дека нема и не признава етнички предзнак, а за Законот за употреба на јазиците на сите етнички заедници во државата додаде дека треба да се доуреди и допрецизира.

„Никој во Академијата, вклучувајќи ме и мене, не смета дека употребата на албанскиот и на јазиците на останатите немнозински заедници во државата, како придобивка од Охридскиот рамковен договор и уставна категорија, треба да се укине. Напротв, во постоечкото законско решение треба да се доуреди и допрецизира, со цел да се подобри нејзината применливост“,

вели Попов.

Според него, тоа се однесува на функционирањето на правосудниот систем, работата на полицијата, армијата, потоа на здравствениот систем и друго, каде што со оглед на деликатноста и одговорноста на она што е предмет на работа, нужна е употребата на еден општ јазик за разбирање.

- Реклама -