Попов: Ова е вечерата по која се затруја студентите во „Пелагонија“ (ФОТО)

Сергеј Попов, претседателот на Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, објави фотографија од вечерата од која наводно се затруле неколкуте студенти во мензата на студентскиот дом „Пелагонија“.

„Ова е вечерата после која се затруја студентите во Пелагонија! Ова е доказ за мизеријата која државата им ја нуди на младите“, напиша Попов на Фејсбук.

Според него, иронијата е уште поголема што ова се случува само неколку недели откако премиерот Димитар Ковачевски изврши посета и направи краток документарен филм за да ја прикаже неговата грижа за студентите.

Како што информираа денеска од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), нејзините инспекциски служби, во соработка со Центарот за јавно здравје и претставници од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, утрово, по добиено известување за можно труење со храна во студентскиот дом Пелагонија, извршиле вонредна инспекциска контрола во кујната.

„Од страна на инспекторите за храна, кујната е времено затворена. Наредени се мерки за генерално чистење и дезинфекција на објектот. За лабораториско испитување, земени се шест мостри од храната која се послужувала и осум брисеви од работните површини и опремата“, соопштија од АХВ, нагласувајќи дека кујната ќе биде повторно пуштена во употреба по добивање на лабораториските наоди со кои ќе се потврди безбедноста и по контролата која ќе направат инспекторите со која ќе се потврди дека се преземени сите наложени мерки за отстранување на констатираните недоследности.

Како што објавија медиумите, шест студенти од „Пелагонија“ синоќа, со повраќање и болки во стомакот, завршиле на Инфективната клиника. Од клиниката велат дека откако им била дадена соодветна терапија, студентите биле пуштени на домашно лекување.

Околу 600 студенти од домот го јаделе вчерашниот оброк. Шесте затруени не претставуваат ни 1% од студентите, изјави директорот на „Пелагонија“ – Агим Фејзулаху.

За медиумите, и други студенти пријавиле дека имале мачнини а не јаделе ништо друго освен во мензата, но дел велат и дека немале никакви проблеми.

По информацијата за труења со храна, реагираа и од движењето „Студентски отпор“.

„Навистина сме згрозени сме од фактот што во моментот многу студенти се жалат и се завршени на инфективните клиники. Прашуваме јавно, ваков ли студентски стандард и студентски оброци ветуваа луѓето од власта или студентите ги гледаат само како пропаганден материјал за користење, како што беше фамозниот ‘ручек со студентите’ на премиерот?

Студентски отпор будно ја следи ситуацијата во студентскиот дом Пелагонијa, строго го осудува игнорантниот однос на власта кон студентите и ваквите нехумани услови во кои студентите престојуваат!“, порачаа од здружението.

- Реклама -