Шпанските научници користеа огромна архива, позната како Million Song Dataset, со која ги анализираа звуците и текстовите на поп-музиката од периодот меѓу 1955 година и 2010 година. Тие заклучија дека поп-музиката навистина е прегласна и сите песни звучат исто.
Екипата научници која ја предводеше експертот за вештачка интелгенција, Хоан Сера од Шпанскиот национален совет за истражување (СЦИЦ), ги споредувале акордите, мелодиите и видот на звуците што се користат од последниве 50 години.
– Пронајдовме докази на прогресивна хомогенизација на музичкиот дискурс. Конкретно, добивме бројни индикатори дека разноликоста на преминот меѓу комбинацијата на ноти, грубо зборувајќи за акорди и мелодии, континуирано се намалувала во последните 50 години – објаснил Сера.
Проучувајќи ја разноликоста на палетата звукови, истражувачите откриле дека модерната поп-музика денес има многу посиромашен избор на диференцирани звукови, отколку пред 50 години. Исто така, гласноста на музиката што се поставува при снимањето полека растела со годините.
Сера смета дека иако музичката индустрија веќе долго време е изложена на обвинувања дека постојано се засилува во своевидна „војна на гласноста“, ова се први конкретни анализи што ги поддржуваат овие тврдења. [Pop music too loud and all sounds the same – official]