Косовскиот премиер Рамуш Харадинај и официјално го одби предлогот на Брисел (конкретно од Могерини и Хан) за привремено укинување на зголемените такси за увоз од Србија и БиХ, во замена за тоа наместо како „Унмик“ во CEFTA државата да се води под името Косово (со ѕвезда).
„Помина времето кога таквите прашања можеа да бидат решени со условување“, ѝ пишал Харадинај на шефицата на европската дипломатија – Федерика Могерини.
Писмото е објавено од косовскиот Gazeta Express непосредно пред состанокот на косовскиот премиер со бриселските официјални претставници.
Харадинај пишува дека напредокот во нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија е минимален „и всушност во целост застанат“. Харадинај вели дека нема смисла да се жали поради актуелната ситуација и дека наместо тоа Брисел треба да биде свесен за реалноста.
„Тоа што нам сега ни е потребно е нова иницијатива за подигнување на дијалогот на ниво на кое ваквите прашања ќе бидат вклучени во поширокиот договор“, наведува Харадинај.
Тој потсетува дека Приштина веќе објавила нацрт од сеопфатниот договор меѓу „Република Косово и Република Србија“, алудирајќи на конечното признавање на независноста на Косово од страна на Србија.
Уверен дека е решение е можно, Харадинај наведува дека улогата на Брисел е од витално значење за постигнување на конечен договор.