Полска ќе бара 1.3 трилиони евра оштета од Германија за Втората светска војна

Варшава, 1 септември 2022 (МИА) – Полска претрпела штети во износ од над 1.3 трилиони евра за време на Втората светска војна, се посочува во извештајот на полската парламентарна комисија, што се очекува да биде основа на идното барање за обештетување од Германија.

Заклучоците од извештајот денеска ги соопшти лидерот на владејачката партија „Право и правда”, Јарослав Качински, кој уште претходно најави дека Полска ќе бара „репарации за сè што направиле Германците во земјата помеѓу 1939 и 1945 година“.

Германија, која е најголемиот трговски партнер на Полска, постојано тврди дека прашањето за воените репарации е решено, додека „Право и правда” бара воени репарации уште откако ја презеде власта во Полска во 2015 година, независно што Варшава досега формално не објавила такви барања за Германија.

„Подготвени сме не само со извештајот, туку и со одлуката за нашите следни чекори“, рече Качински при презентацијата на документот. „Ќе пристапиме кон Германија за отпочнување преговори за репарации. Знаеме дека ќе биде долг и тежок пат, но еден ден ќе постигнеме успех“, додаде тој.

Прочитајте и:  Рускиот напад со интерконтинентална ракета ги подигна полските борбени авиони

Извештајот беше претставен од Качински и премиерот на земјата Матеуш Моравјецки за време на церемонијата во Кралската палата во Варшава, обновена по завршувањето на војната. На денешен ден Полска ја одбележува годишнината од инвазијата на нацистичка Германија во 1939 година, проследена со петгодишна брутална окупација.

Повеќе од шест милиони Пољаци, вклучително и три милиони полски Евреи, ги загубија животите во Втората светска војна, а главниот град Варшава беше срамнет со земја по бунтот во 1944 година во кој загинаа 200 илјади цивили. Во 1953 година, полските комунистички лидери се откажаа од финансиските побарувања од Германија под притисок на СССР, кој сакаше да ја ослободи Источна Германија од репарации.

Германската Влада и Министерството за надворешни работи допрва треба да се произнесат по полскиот извештај. Според главната опозициска партија во Полска – „Граѓанската платформа”, и нејзиниот лидер Доналд Туск, постапките на власта во Варшава се „внатрешна политичка кампања за враќање на довербата, која нема никаква врска со прашањето за репарации“.

- Реклама -