Во Велес вчера беа регистрирани уште две лица позитивни на корона вирус, со што бројката се искачи на 36 лица.
Еден од новодијагностицираните е вработен во текстилната индустрија, додека пак другото лице е вработено во МВР. Станува збор за полициски службеник кој бил на увид во домот на старицата која беше пронајдена мртва заедно со нејзиниот син на 6-ти април – за ,,Фокус” потврди Тони Димитриев, директор на ЈЗУ Центар за јавно здравје – Велес.
Случајот со починатата К.М. (79) и нејзиниот син В.М. (53) се уште ја бранува јавноста. Според информација од МЗ, по обдукцијата во дишното стебло на мајката бил пронајден вирусот, а според кажувањата на соседите, претпоставувале дека тие биле починати уште во месец јануари, бидејќи последен пат имале контакт со нив неколку дена по Нова Година. Токму соседите, загрижени за мајката и синот, кои имале здравствени проблеми, но и поради лошиот мирис којшто започнал да се шири во зградата, се јавиле во полиција и побарале службените лица да ги проверат.
Околу тоа кога точно починале мајката и синот и дали вирусот кај нас бил присутен од поодамна, бидејќи првиот официјален случај беше регистриран на 26-ти февруари, одговорите треба да ги даде проширената истрага за случајот, која се уште трае. Исто така, нејасно е дали полицискиот службеник кој бил на увид се заразил од вирусот таму, или пак од контакт со друго позитивно лице.
Набргу по откривањето на телата на починатите, и по објавата на веста дека мајката имала корона вирус, нивни сограѓани тврдеа дека се работи за лица кои речиси целото време го минувале дома, поради здравствената состојба, па прашуваа како е можно да го добила вирусот, кога воопшто не го ни напуштала станот и немала контакт со лица од надвор.
Во врска со случајот, министерот за здравство Венко Филипче истакна дека од голема важност ќе бидат податоците според кои ќе се дознае кога настапила смртта, и ако треба ќе се консултираат експерти од Светската здравствена организација.