Две високи поранешни функционерки од Северна Македонија и од Бугарија, Радмила Шекеринска и Марија Габриел, се меѓу оние кои се натпреваруваат да станат иден заменик на шефот на НАТО, пишува денеска бриселски „Политико“ во текстот „Првата задача на Марк Руте во НАТО: Да се најде жена за десна рака“.
Пред да го започне својот нов мандат како шеф на НАТО, Марк Руте веќе минува низ неколку биографии од оние кои сакаат да бидат негова десна рака.
Актуелниот заменик, Мирчеа Џоана, кој ја извршува функцијата од 2019 година, се очекува да се повлече за да се кандидира на претседателските избори во Романија во ноември, изјавија претставници на НАТО за „Политико“.
Висок дипломат на НАТО од Западна Европа рече дека постои општ консензус меѓу сојузниците дека источноевропеец треба да биде назначен за заменик на Руте.
Разговорите во седиштето на НАТО се фокусираат на две поранешни функционерки од Северна Македонија и од Бугарија, две балкански земји кои некогаш биле под советска контрола до крајот на Студената војна, пишува „Политико“.
– Можеби функцијата ќе и припадне на жена од Источна Европа, изјави поранешната портпаролка на НАТО, Оана Лунгеску.
Руте ќе го преземе кормилото на НАТО на 2 октомври, во време кога воената алијанса се стреми кон итна мисија да го поддржи источното крило со цел да спречи каква било потенцијална руска агресија. Германија, на пример, проценува дека Русија би можела да биде подготвена воено да ги нападне земјите на НАТО за пет до осум години, доколку одлучи да го стори тоа.
Поради тоа доброто познавање на „кремљинологијата“ е релевантно кога станува збор за изборот на Руте за негов заменик.
Името на поранешната министерка за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска нашироко се спомнува, според дипломат на НАТО и висок функционер на Алијансата. Доколку биде избрана, таа ќе биде највисокиот функционер на НАТО досега од регионот на Западен Балкан надвор од Европската унија. Земјата влезе во НАТО пред четири години, а Шекеринска имаше клучна улога во нејзиното членство. Прозападната Шекеринска моментално е потпретседател на Партијата на европските социјалисти. Во едно интервју по руската инвазија на Украина, таа го отфрли тврдењето на Русија дека проширувањето на НАТО кон исток е „злобен план на Западот“. „Напротив, првично големите членки на НАТО немаа посебен апетит за проширување“, рече Шекеринска, наведува „Политико“.
Шекеринска одбила да даде коментар за информациите дека би може да да биде заменичка на Руте во НАТО:
Мајда Руге, виш политички соработник во тинк-тенкот Европски совет за надворешни односи, ја пофали како идеален кандидат.
– За следниот [заменик-генерален секретар], на НАТО ќе му треба личност која е високо компетентна, „има мадиња“, паметна е за Русија и исто така ги разбира предизвиците во Западен Балкан. Радмила Шекеринска совршено се вклопува во тој профил, смета Руге, која е експерт за балканскиот регион.
Друг кандидат е поранешната вицепремиерка на Бугарија и поранешна еврокомесарка, Марија Габриел, според двајца функционери со директно знаење за нејзините планови.
„Постојат гласини околу поранешната еврокомесарка и бугарска вицепремиерка Марија Габриел“, рече Лунгеску. Габриел не одговорила на барањето за коментар.
Делегациите на Бугарија и на Северна Македонија во НАТО не ги коментираат кандидатурите. И НАТО одби да коментира.
Бугарија е во центарот на вниманието поради блиските врски на нејзините политички елити со Русија. Во април, премиерот во заминување Николај Денков предупреди во интервју за „Политико“ дека „Русија ќе стори се што е можно за да го врати своето силно влијание во Бугарија“. Софија, исто така, склучуваше договори за зајакнување на улогата на Москва како доминантен снабдувач со енергија во Југоисточна Европа, и покрај реторичката поддршка за Украина.
Сепак, и двете земји се оптоварени со проблемот на корупција.
Според Транспаренси Интернешнл, Бугарија е рангирана на 67 место во светот според Индексот за перцепција на корупцијата, а Северна Македонија е на 76 место.
Иако двете балкански кандидатки се сметаат за фаворити, има и други предлози кои ги разгледува Руте. Поранешниот летонски премиер Кришјанис Каринш, кој некогаш ја сакаше работата на Руте, се бори да биде негов заменик, според висок летонски функционер кој побарал да остане анонимен.
Според двајца дипломати на НАТО, Полска и Турција – и двете со сериозни воени капацитети – размислуваат да понудат свои кандидати. Сепак, Полска е оптоварена од внатрешните борби меѓу претседателот Анджеј Дуда и премиерот Доналд Туск.
Според Лунгеску, улогата на заменик-генерален секретар е зголемена на важност во текот на последната деценија. Примарната негова улога е да го заменува шефот и да претседава со состаноците на 32-та амбасадори во Северноатлантскиот совет двапати неделно или на кој било итен состанок, вклучувајќи го и Советот НАТО-Украина.
Во мај 2021 година, Џоана претседаваше со неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО во Берлин, кога на шефот на НАТО Јенс Столтенберг му беше дијагностициран Ковид, пишува „Политико“.
МИА