Нуклеарната програма на Советскиот Сојуз почна набрзо по крајот на Втората светска војна. Тестовите беа спроведени во многу од далечните региони, како рускиот архипелаг Новаја Земја, планината Урал и степите на североисточен Казахстан. За жал, не сите од овие области беа без луѓе.
Една од примарните тест локации беше тест областа Семипалатинск, позната и како „Полигонот“, на површина од 18.000 километри квадратни. На само 150 километри источно од него се наоѓаше градот Семипалатинск (подоцна преименуван во Семеј), со популација од повеќе од 100.000 жители. Во распрсканите села во радиус од 80 километри живееја уште стотици илјади луѓе.
Трката во нуклеарно оружје за време на Студената Војна беше толку фанатична, што владата ги заташка под тепихот сите можни грижи околу здравјето на локалните и на животната средина. Постои и сомневање дека властите намерно ги направиле локалните жители дел од експериментот, за да ги проучуваат ефектите на радијацијата.
Од 1949 до 1989, Советскиот сојуз направи 456 нуклеарни тестирања во Семипалатинск. Експериментите беа спроведени на површината, под земјата и во воздухот (116 од детонациите беа атмосферски тестови). Се разбира, сето тоа не помина и без инциденти, кои најчесто резултираа со дисперзија на радиоактивни материјали и истекување на радиоактивните гасови во животната средина.
При некои од тестовите, жителите на локалните села беа предупредувани да останат надвор од своите домови за време на експлозијата, бидејќи може да им ги сруши куќите. Многу од нив, кои тогаш беа деца, се сеќаваат како им се распрснувале прозорите и како доживувале конвулзии за време на тестовите.
Бројот на случаи на канцер, импотенција, леукемија и дефекти при раѓање, многу и нагло порасна за само неколку години. Бебињата се раѓаа со бројни невролошки и големи коскени деформации, некои дури и без екстремитети. Директорот на Онколошката болница во Семипалатинск проценува дека барем 60.000 луѓе во регионот умреле од радио-индуцирани канцери.
Советската влада ги чуваше нуклеарните тестирања во тајност. Дури и американската Defense Intelligence Agency беше убедена дека Советите работат на некакво друго оружје, а не на нуклеарно. Дури во 1980-тите активистите од Казахстан почнаа да поставуваат прашања околу вистинската природа на нуклеарните тестирања и лансираа кампања Полигонот да биде затворен.
Зградите, бункерите, тунелите и другата инфраструктура сé уште стојат во Семипалатинск. Некои од кулите се распукани. Други имаат „плускавци“, настанати од жештината на шок-бранот која го стопила бетонот. Нивото на радијација денес е воглавно ниско, но сé уште постојат „џебови“ со поголема радијација во областа.
Во 2001, во градот беше изграден меморијален споменик за жртвите од тест полигонот во Семипалатинск, наречен „Посилни од смртта“.