Покрај Ременски, осомничени се татко му на Јовановски и асистентката на Мандиќ

Покрај пратеничката Фросина Ташевска Ременски, осомничени во новата истрага на Обвинителството за организиран криминал и корупција се и Јасна Мандиќ, заменик-претседател на Меѓународниот сојуз, и Миле Јовановски, таткото на Боки 13, како и асистентката на Мандиќ, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори од обвинителството.

Како што соопшти Јавното обвинителство, вкупно се осомничени пет лица, а за едно се бара притвор. Неофицијално, станува збор за осомничената Јасна Мандиќ, која, заедно со Миле Јовановски, се сопственици на телевизијата „1ТВ“. Првоосомничен е Боки 13, кој е во притвор од 15 јули за случајот „Рекет“. За останатите тројца осомничени се бараат поблаги мерки на претпазливост.

Ременски беше повикана да даде исказ на 4 септември каде беше речиси повеќе од два часа.

Пратеничката Фросина Ременски тогаш во изјава за медиумите појасни дека била повикана како лице од кое се земаат одредени известувања да даде одговор за се што е поврзано со случајот „Рекет” како и со Меѓународниот сојуз.

„Сите прашања поврзани со Меѓународниот сојузи и облигационите односи што ги има со лица и фирми, јас немам лично присуство, во контекст на она што беше побарано да го дадам како одговор на одредени прашања јас го одговорив. Убаво е да се интересирате за одредени случаи, но сепак останатите прашања ќе ги оставам на надлежните органи. Ќе се воздржам од коментари дали мојата функцијата била злоупотребена или не”, изјави Ременски по исказот тогаш.

Во врска со тоа дали знаела за зделките и каде одат парите од Меѓународниот сојуз, Ременски повтори дека и во време кога опозицијата го споменувала нејзиното име таа јасно стоела на став дека случајот треба да се истражи и дека околу тоа нема ништо против.

„Јас квалификации за тоа што правел меѓународниот сојуз ќе ги оставам на надлежните органи, по прашање на гриза на совест е индивидуална категорија на секој поединец и сите ние имаме одговорност и ситуации кога и другаруваме и сме во роднинска врска со луѓе кои сториле или не сториле нешто. Но, тоа не значи дека треба да имаме грижа на совест”, додаде пратеничката во изјавата.

Името на Фросина Ременски често се споменуваше во јавноста, по што таа на Фејсбук рече дека нема ништо против Обвинителството да испита каква е нејзината вмешаност во Меѓународниот сојуз.

„Немам ништо против (Напротив!), ОЈО за организиран криминал и корупција да испита каква е мојата почесна функција во нeвладината организација на Бојан Јовановски (Боки 13). Стојам на располагање да им појаснам сѐ што ги интересира, или за сѐ што имаат дилема. Секое ставање на моето почесно членство во невладина организација во контекст на актуелниот случај „Рекет” е очајнички обид на „државнички поставената опозиција” да фрли партиска боја на случајот кој треба/мора да добие разрешница, без навивање од партиски трибини и трибуни”, напиша Фросина Ременски на својот профил на Фејсбук пред оивеќе еден месец.

- Реклама -