Студија спроведена во Шведска покажа дека само 7.3% од жителите на Стокхолм развиле антитела за Ковид-19 до крајот на април, пренесува Ројтерс, иако земјата беше една од ретките кои од самиот почеток на пандемијата одлучи да се бори со „меки мерки“ базирани повеќе на препораки и свеста на граѓаните, отколку со задолжителни карантини и рестрикции на движењето.
Од самата појава на епидемијата во земјата, светските медиуми пишуваа дека Шведска ќе оди на пристап со развивање на колективен имунитет (ака. имунитет на стадо), но резултатите од студијата ја зголемија загриженоста околу тоа дали тоа е вистинската стратегија и дали истата ќе овозможи некаква позначајна отпорност на населението кон вирусот во блиска иднина. Студијата опфаќа околу 1.100 тестови од целата земја, иако објавени беа само бројките за Стокхолм.
Бројот на Ковид-19 пaциенти на одделенијата за интензивна нега во Шведска е опаднат за една третина во споредба со пикот конј крајот на април, а здравствените власти велат дека епидемијата забавува. Сепак, во последните 7 дена Шведска бележи најголема стапка на cмpтни случаи по глава на жител во Европа.
Сепак, шведските здравствени власти велат дека резултатите од студијата се отприлика во рамките на она што го предвидоа моделите – дека третина од населението во главниот град досега ќе го има вирусот и дека ќе се јави барем ограничен колективен имунитет:
„Процентот е малку помал отколку што очекувавме, но не премногу – можеби 1 или дел од процент. Отприлика се совпаѓа со моделите што ги имаме“, рече главниот шведски епидемиолог Андерс Тегнел, кој е главниот иницијатор на поинаквиот пристап на земјата – пристап што наиде на поделени мислења и таму, но и во светот.
Концептот на колективен имунитет е непроверен пристап во однос на новиот коронавирус, пред сѐ затоа што е непознато во колкава мера би се развил и колку долго би траел меѓу населението.
Шведските здравствени власти, додуша, потенцираа дека колективниот имунитет не е примарна цел на нивната стратегија. Нивниот одговор, појаснија, е во насока на намалување на ширењето на вирусот до степен да може здравствениот систем да се носи со бројот на пaциенти, а не кон целосно потиснување на вирусот. Тие аргументираат дека земјите што воведоа целосни карантини за да спречат секаква изложеност на вирусот можат да се соочат со ново враќање на Ковид-19 во моментот кога мерките ќе почнат да ги ублажуваат, што ги прави поподложни на втор бран на болecта.
И Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека не е најпаметно да се положуваат надежи во концептот на колективен имунитет. Според податоците до минатата недела, базирани на повеќе глобални студии, само 1-10% од популацијата развиваат антитела, соопшти СЗО. Такви резултати покажаа и студиите во Шпанија и Франција.
„ДО КОЛЕКТИВЕН ИМУНИТЕТ ИМАМЕ МНОГУ ДОЛГ ПАТ, АКО ВООПШТО СЕ СЛУЧИ“
Еден од критичарите на шведскиот пристап кон пандемијата и надежите за колективен имунитет е и Бјорн Олсен – професор по инфективна медицина на Универзитетот во Упсала, за кого ваквата стратегија е „опacна и нереалистична“.
„Мислам дека колективниот имунитет е многу далеку, ако воопшто го достигнеме“, вели Олсен за Ројтерс по објавените резултати од студијата.
Шведскиот пристап – базиран на убедувањето дека коронавирусот може само да биде забавен, а не и целосно потиснат – се карактеризира не само со невоведување на карантин и затворање на економијата, туку и на порелаксирана политика на тестирање со релативно мал број тестови и не толку ригорозно следење на контактите. Тестовите главно се прават кај хоспитализираните случаи и здравствените работници. Шведска неделно тестира, сѐ уште, помалку од една третина од зацртаната цел од 100.000 и со тоа има далеку помала стапка на тестирања по жител отколку своите скандинавски соседи, како и помала стапка од повеќето западноевропски земји.
Во меѓувреме, бројот на cмpтни случаи продолжува да расте, пред сѐ поради неуспехот да се заштитат старите и болните, посебно во старечките домови. Со вкупно над 30 илјади потврдени случаи, Шведска има над 3.800 починaти, што е трипати повеќе отколку Данска, Норвешка, Финска и Исланд заедно – иако сите имаат сличен социјален систем и демографија.
Додека другите земји воведоа карантини за да купат време, Шведска направи „премалку и предоцна“, смета Олсен, според кого катacтрофалната цена што ја платија постарите се должи и на потценување на ризиците од асимптоматско преносување на вирусот.
Владата, од друга страна, останува на ставот дека стратегијата ќе биде успешна на долг рок и тврди дека стапката на cмpтни случаи не е резултат на неставањето на целата земја под карантин.
Бранејќи го пристапот, министерката за здравство и социјални работи – Лена Хеленгрен, посочи дека повеќето Швеѓани доброволно ги минимизирале друштвените интеракции и движењето надвор. „Швеѓаните навистина го променија нивното однесување“, вели таа за Ројтерс.