Фил Хелмут е човек што има направено кариера од фаќање луѓе кога лажат. Во неговиот случај, кога блефираат на покер. Има освоено 14 бразлетни во Poker World Series, како и 21.971.705 долари од наградни фондови.
Својот успех го припишува делумно на својата способност да ги чита луѓето. „Успехот во покерот е 70% да можеш да ги читаш луѓето, а 30% да можеш да ги читаш картите“, пишува во својата книга.
Како му успева да ги чита луѓето? Па така, го користи најисклишираниот трик – ги гледа луѓето во очите. Но не само затоа што „очите се огледало на душата“, туку затоа што знае дека зениците нé издаваат – се шират кога нешто сакаме или ни се допаѓа, а се стеснуваат кога нешто не сакаме или ни е непријатно. Истово е потврдено и во неговата книга, во делот напишан од коавторот Џо Наваро – поранешен агент на ФБИ.
Луѓето не можат да контролираат како зениците им се однесуваат кога реагираат на различни стимуланси. Ако внимателно ги следите, можат многу да издадат. Сепак, проценката треба да оди рака под рака со вашето внатрешно чувство – инстинктот, бидејќи ако се потпрете само на зениците, лесно можете да згрешите; на нивниот дијаметар влијаат еден куп фактори (дрога, нивото на светлина, привлечност, страв итн.). Згора на тоа, промената во зениците е индикатор за промена во емоционалната состојба на човекот, а не по дифолт за лага и неискреност.
Ама сепак, има ситуации кога зениците доволно зборуваат. Ако, на пример, на вашиот пријател му заѕвони телефон и при разговорот зениците му се стеснат, а потоа ви рече дека сé е во ред, нешто можеби и се случува. Или, многу покорисно, ако сте на покер маса. Во својата книга Хелмут раскажува како еднаш успеал да победи во важна партија откако забележал како зениците на противникот му се шират кога погледнал во картите.