Покажување мускули не е доволно

Европската комисија тешко ќе може да го спроведе својот план за нова заштита на границите, со што се крати суверенитетот на членките на ЕУ. Таа би требало да се концентрира на она што е остварливо, оценува Бернд Ригерт.

87915_600 (1)

Европската комисија има намера со многу пари од досегашната Агенција за заштита на границите, која ги советуваше земјите членки врз доброволна основа, да направи самостојна служба за надзор на границите и крајбрежјето.

Новата служба би требало да има над 1000 вработени, да располага со 300 милиони евра буџет и да има трупи за брзи интервенции од најмалку 1500 граничари. Негативните искуства со слабата заштита на границите во Грција, но и Италија, го наведоа претседателот на ЕК Жан-Клод Јункер на потег кој делува политички застрашувачки. Комисијата сака да ги централизира компетенциите во Брисел и да им одземе дел од сувереноста на земјите членки.

Тоа е исклучително сензибилно, затоа што токму контролата на границите е една од oсновните задачи на секоја држава. Отпорот ќе биде голем. Многу влади, од Варшава преку Прага и Братислава до Атина, се толку критични кон Европа, што тешко ќе се согласат со вакво туторство од страна на Комисијата. Додуша, шефовите на држави или влади официјално ѝ дадоа задача на Комисијата на Јункер да ја подобри заштитата на надворешните граници, но мнозинството од нив веројатно не претпоставуваа дека Јункер ќе предложи самостојна европска единица. Навистина е многу тешко да се верува дека тој за такво нешто навистина ќе наиде на согласност кај земјите членки.
Неодговорено е и прашањето од што би требало да штити крајбрежната стража. Дали бегалските бродови во иднина ќе бидат пресретнувани во Средоземјето и враќани назад за Турција или Либија? Значи – туркање наместо спасување?

Ова ќе трае со години

Прочитајте и:  Стано: Нападот со интерконтинентална ракета врз Украина е сигнал дека Путин не е подготвен за мир

Има уште многу практични проблеми. Европската комисија досега не знае ниту колку граничари и колку бродови за чување на бреговите воопшто има во земјите членки. За секоја земја треба да се изработи анализа на ризици и план за акција. Инсајдерите се разбира знаат дека ќе биде потребно уште многу работа додека на нозе не се постави самостојна ефективна европска служба. Европската комисија оптимистички како цел ја постави 2020 година. Со тоа станува јасно дека новата заштита на европските граници ќе може малку да стори во актуелната бегалска криза. Таа е планирана за идни кризи. Едно од сценаријата со кои се занимаваат службениците во Комисијата: бегалско движење од Украина, доколку се засили конфликтот со Русија.

Грција е клучна

Во актуелната бегалска криза од помош е само ако Грција биде принудена на разумно организирање на контролите и, барем, регистрирање на бегалците. Тоа е можно и без нова служба на ЕУ, но за такво нешто е неопходна вистинска политичка волја во Атина. Досега левичарско-деснорадикалната коалиција се однесуваше како претходните влади. Ставот се менува многу бавно, пребавно. Европски пари за поддршка на Грција при контролата на границите има доволно, иако надлежниот министер неподносливо цимоли дека Грците се оставени на цедило. За жал, трагична географска случајност е што економски и политички најслабата ченека на ЕУ се наоѓа на загрозеното југоисточно крило на Унијата.

Сѐ додека надворешните граници се порозни, сѐ повеќе држави ќе воведуваат гранични контроли во Шенгенскиот простор, кој инаку е без граници. Ослабнување на Шенген би било некомотно, но тоа сѐ уште не би значело и крај на ЕУ. Таа повеќе би се парализирала самата себеси ако ЕК и земјите членки сега се заплеткаат во долг судир околу компетенциите и суверенитетот.

За Дојче Веле, Бернд Ригерт

- Реклама -