Погрешен чекор е да речеме доста е со ЕУ, смета Мицкоски

Погрешен чекор е да речеме доста е со ЕУ, рече вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за Телма, одговарајќи на прашање поврзано со најавениот стратешки дијалог со САД.

„Нашиот пат кон ЕУ не е пат затоа што е некаква награда, на крајот пехарот ќе го добиете и златната медаља, туку е пат со кој треба како општество да смениме менталитет и да практикуваме поинакви вредности. Не е тоа пат во кој треба да се стремиме да одиме затоа што на крај некој нешто ќе ни даде и ние сите наеднаш ќе си ги смениме животите. Не! Тоа е пат кој мора да го изодиме и да седнеме на таа маса, за генерациите по нас да ја продолжат оваа државност врз основа на некакви поинакви вредности“, изјави Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи на прашањето дали е прифатлив за партијата стратешкиот дијалог со САД, потенцира дека дијалогот со САД и патот за полноправно членство во ЕУ не се конкурентни, туку се два паралелни процеса.

Прочитајте и:  Мицкоски: Ќе направиме се струјата да не поскапи, во најлош случај ќе биде за 3 отсто во третиот и четвртиот блок

„Не се тие во конкуренција процеси. Тоа се два паралелни процеси кои еден со друг немаат никаква врска. Да, сакам и ова да важи, да, сакам и ова да важи. Едното не го исклучува другото. Дајте да ги водиме двата процеса. Тој дијалог нека се води, но нека се водат и преговорите со ЕУ“, вели Мицкоски.

Мицкоски посочи дека не е информиран што ќе значи стратешкиот дијалог и, како што рече, очекува од премиерот Димитар Ковачевски да биде брифиран.

„Јас не седам на таа маса, не ги знам принципите на кои ќе се води тој стратешки дијалог. Очекувам Ковачевски да нѐ брифира. Ние сме тотално екскомуницирани“, рече Мицкоски.

- Реклама -