Меѓународната вселенска станица (МВС) се наоѓа во отворената вселена уште од 1998 година, а предвидено е да го заврши своето патување околу Земјата во 2024 година – 26 години по своето лансирање. Што ќе се случи со станицата по крајот на нејзиниот активен живот?
Да биде оставена без гориво и да паѓа неконтролирано во просторот, не е добра идеја. Затоа НАСА избра длабока и оддалечена од секое копно точка во Пацификот, која по „пензијата“ на МВС ќе стане нејзин „вечен дом“.
За „Усвет“, т.е. Океанскиот пол на непристапноста пишувавме и претходно, но ете, не знаевме дека е наречен и „Гробишта на вселенски бродови“, бидејќи оваа локација и порано била користена како депонија за непотребните вселенски објекти. Овој сектор во Тихиот Океан се наоѓа на 4828 километри источно од Нов Зеланд и на 3219 км северно од Антарктикот. Тоа е едно од најоддалечените места на Земјата, а таму океанот е длабок 4 км. Од 1971 година па наваму, местото е дом на неколку вселенски летала од Русија, Европа, Јапонија и САД.
Меѓу „жителите“ на дното е и вселенската станица „Мир“. Со тежина од 450 тони, МВС е приближно три пати поголема од неа. Тоа значи дека се неопходни исклучително прецизни пресметки за научниците да бидат сигурни дека во 2024 година МВС ќе стигне на саканата дестинација.
Еден од факторите што бара такви детални пресметки е и фактот што при влегувањето во атмосферата, можно е МВС да се распадне на повеќе помали делови, кои би можеле да се распрснат на површина со должина од 643 километри и ширина од 48 км. Сепак, во моментов се анализира и можноста МВС да потрае уште 4 дополнителни години, до 2028, со што би заокружила цели 30 години во вселената. Како и да е, крајот на МВС ќе се оконча со намерно согорување на остатокот од горивото, кое ќе биде доволно да ја насочи станицата кон Земјината орбита.
Штом наближи периодот на излегување од употреба, делови од МВС ќе бидат зачувани и реупотребени за новата меѓународна вселенска станица. Во моментот на падот на сегашната, новата дефинитивно ќе биде веќе воспоставена и пуштена во употреба.