Погледнете ја оваа необична шума во Јапонија. Што е објаснувањето? (галерија)

Иако круговите во жито се сосема изводливи и некогаш очигледно направени од луѓе, многумина од нас сé уште ги сметаат за ултимативен доказ за комуникација со вонземјани. Но ако круговите во жито се лажни, тогаш што станува со шума што изгледа како оваа во Ничихан, во префектурата Мијазаки во Јапонија? Како го објаснувате ова?

Одговорот, за жал или среќа, е овоземски. Во 1973 година научниците започнале проект во „експериментално шумарство“, со цел да научат повеќе за просторот што им е потребен на дрвата и како густината влијае на растот. Тие засадиле зимзелени дрва во 10 совршени прстени, секој со поголем радиус од претходниот.

Како што можете да видите, резултатите даваат јасен одговор на поставените прашања.

Како што се гледа на фотографијата, конкавната (вдлабната) форма сугерира дека во колку понадворешен прстен/круг се наоѓа дрвото, толку повисоко расте. Колку поголема густина на дрвата (во помалите кругови), толку пониски се дрвата.

Сосема логично, нели? Повеќе простор значи помалку конкуренција за ресурси – како вода и сончева светлина, па на овие „надворешни“ дрва им е полесно да пораснат повисоки и посилни од тие во внатрешните прстени, кои мораат меѓусебно да се борат за ресурси.

Според документите на јапонското Министерство за агрикултура, шумарство и рибарство, разликата од најниското во центарот до највисокото дрво на периферијата на кругот, достигнувала и до 5 метри.

Експериментот е при крај, а планот е да се експлоатираат (читај: исечат и искористат) барем дел од дрвата. Но интересот што наеднаш порасна на социјалните мрежи алудира дека овој прекрасен експеримент треба да биде зачуван таков каков што е, со можност во иднина да стане и туристичка атракција.

 

- Реклама -