Срцето на реалноста знае да биде страшно студено, па често ја игнорираме или свесно замижуваме пред неа, плашејќи се да се соочиме. Фотографката Колин Пламб веќе неколку години работи на тоа да ни го наруши игнорантскиот однос кон вистината. Поконретно, таа се обидува да ја расветли врската на човекот и животните, од денес, па до таа што ни е оставена од претците.
„И тогаш Бог рече: Да создадеме човечки суштества според нашиот лик. Да им дадеме власт и моќ над рибите од морето, птиците од воздухот, питомите животни и дивите животни, и сите суштества што ползат на земјата“, пишува во Библијата (Genesis 1:26). Тоа, делумно, предизвика јаз меѓу човекот и животните, јаз што ќе резултира со опресивна хиерархија. Во меѓувреме го изгубивме потеклото на нашите приказни, ритуали и симболи, кои во најголем дел се поврзани со животните, и тоа создаде простор за опортунистички и предаторски однос од наша страна, однос осуден да биде запакуван во дезинформации и рационализации т.е. оправдувања.
Проучувајќи ја тесната преплетеност на животинскиот и човечкиот свет, која во денешно време главно има негативен контекст, Пламб открива дека животните можат да ни зборуваат, но само ако сме подготвени да слушаме на јазикот на кој се обидуваат да комуницираат со нас. А тоа го прават константно.
Имено, во нејзиниот видео проект „30 пати во минута“, Пламб снима заробени слонови во зоолошките градини низ светот, документирајќи ја нивната реакција на стресот од живеењето во неприродна околина. А тоа најчесто се манифестира преку очигледно невообичаено однесување – цупкање во место и клатење на телото и главата. Тоа е истото тоа однесување што е типично, на пример, за ментален пациент во лудница, кој клекнат во ќош, непрекинато се клати напред-назад и си зборува сам со себе.
Биолозите истакнуваат дека овие компулсивни, репетитивни движења (кои предизвикуваат трајни и често опасни по живот повреди на нивните стапала и зглобови) се стереотипно однесување кое е забележано само кај животните во заточеништво. Таквото однесување се развива како начин за само-утешување, т.е. техника за поднесување на огромниот стрес од тоа да се биде спектакл за публиката, а притоа во затворен простор кој е премал за здрава и нормална функција. „30 пати во минута“ доловува трагични слики од тивката агонија и бавното распаѓање на умот, телото и духот на слоновите во заточеништво.
Но попатно Пламб сфатила дека слоновите се само едни од животните кои поминуваат низ бескраен циклус на тивко страдање. Низ зоолошките низ САД и Европа таа наишла на истото однесување и кај многу други; најочигледно кај лавовите, тигрите, мајмуните и мечките.
Резултатот е Path Infinitum („Бескраен пат“) – 24-минутно видео кое Пламб го опишува како „барометар за емпатија“. Во него, освен што ги снима животните, Пламб ги снима и посетителите кои доаѓаат за глетката, т.е. публиката што го конзумира спектаклот зад решетките/стаклото на кафезот. Од снимките е јасно дека дел од луѓето ја забележуваат болката, тагата и очајот, и ја сфаќаат суптилната порака што ни ја испраќаат животните. Но само дел; другите – не. Со други зборови, можете да се самотестирате. Ако емпатијата не ви е дефектна, гарантирано ќе го увидите ужасот.
Во Path Infinitum ќе видите јагуари, орангутани и горили со слично однесување како тоа на слонот и/или менталниот пациент од погоре: одење лево-десно, кружење, клатење на телото и главата – сé се тоа реакции на недостатокот од адекватна стимулација и неможноста на животните да учествуваат во активностите за кои се буквално дизајнирани. Со акцентирање на ваквите однесувања, Пламб нé потсетува дека неврозата не е нормална, и дека ние сме соучесници кои ја помагаат.
Path Infinitum го преиспитува нашето сфаќање за заточеништвото на животните и илузиите околу штетата што ја предизвикува (дека е помала од тоа што е), но и нашата навика на конзумација – со тоа што ни прикажува до каде нé доведуваат нашата желба и нагон да гледаме, да бидеме публика. Зошто мора да се држиме до практики и идеологии кои причинуваат штета и деструкција? Зошто заштитата на животните (како ретките видови во зоолошките) мора да подразбира комерцијализација, за воопшто да постои? Ако патот до пеколот е поплочен со најдобри намери, зошто продолжуваме да чекориме по него?
Емпатијата на Пламб, преку нејзиниот проект, ни овозможува да видиме колку што ќе му допуштиме на срцето да види. Терајќи нé да запреме, да погледнеме, и да се „заслушаме“, Пламб им дава глас на тие што зборуваат само на јазикот на говорот на телото, и чиј крик од зад решетките нема аудио, ниту титлови за превод.
Ѕирнете колку можете повеќе од видеово и тестирајте си ја емпатијата. Важно е.