Подолјак пред почетокот на преговорите: Ние победуваме и сѐ ќе биде како што ѝ треба на Украина и на нашиот народ

Непосредно пред почетокот на третата рунда преговори меѓу руската и украинската делегација, шефот на украинскиот преговарачки тим – Михаило Подолјак, објави видео на Твитер во кое порача дека крајниот исход ќе биде во согласност со потребите на Украина и украинскиот народ.

„Во секој миг ќе започнеме дијалог со претставници на земја која сѐ уште верува дека во 21 век е можно на сила да извлече долгорочни резултати. Ќе се обидеме да им докажеме дека грешат.

Исто така, ве повикувам да не им придавате значење на лажните вести и спомнувањето на имиња, како Јанукович, Бојко или не знам кој друг таму сакаат да го назначат за ‘специјален претставник’ на Украина, како Мураев или Киву. Сѐ ќе биде така како што ѝ треба на Украина и така како што му треба на нашиот народ, кој веќе докажа дека Украина победува“, порача Подолјак.

Во претходен твит, тој Русите ги нарече „Варварите на 21-от век“. Според него, Русија уништила 202 училишта, 34 болници, над 1.500 станбени згради, а над 900 населби се комплетно без струја, вода и греење.

Прочитајте и:  Медиуми во ЕУ: Путин го пречекори опасниот праг

„Руската армија не знае како да се бори против други армии. Но е добра во убивање на цивили“.

- Реклама -