„Подобро за Тетово“: Два месеци по пожарот сѐ уште нема одговорност, гледаме оставки за избори но не и за 14 изгубени животи

Претставниците на граѓанската иницијатива „Подобро за Тетово“ денеска одржаа прес-конференција на која посочија дека и два месеци по пожарот во модуларната болница сѐ уште нема одговорност за загубените 14 човечки животи. Тие од властите бараат да дадат одговори околу одговорноста.

„Поминаа два месеци од трагедијата во која животот го загубија 14 пациенти и членови на семејствата во модуларната болница во Тетово и до ден денес сè уште нема никаква одговорност, ниту морална, ниту кривична. Деновиве слушнавме дека политичарите можат да поднесат оставки кога ќе изгубат избори, но не и кога животот ќе го загубат 14 луѓе.

Тетово и јавноста сакаат да знаат: До каде е истрагата? Зошто Обвинителството објави дел од вештачењето на крим-техника без да го покаже извештајот на германските експерти? Дали овој извештај е издаден за амнестирање на одговорните во предизборниот период по барање на Владата?“, изјави Хамди Сулејмани, советник од иницијативата „Подобро за Тетово“.

Според Сулејмани, потребни се повеќе информации до јавноста за текот на истрагата.

„Нема детали од истрагата на Обвинителството за организиран криминал и корупција за тендерот и модуларните болници, дали ги исполнувале основните стандарди за безбедност, управување и одржување. Досега немаме конкретен одговор дали болницата имала или не систем за противпожарна заштита. Тоа што меѓу жртвите има и членови на семејствата кои биле принудени да се грижат за своите роднини, е уште едно кривично дело за кое обвинителството мора да бара кривична одговорност од управата на болницата. Истрагите треба да се спроведуваат без да се штеди никој, на која и да е државна или партиска позиција. Нулта толеранција за културата на неказнивост! Сѐ додека нема одговорност, во Тетово нема да има спокој“, изјави Хамди Сулејмани.

МИА

- Реклама -