Американската војска соопшти дека на Блискиот исток пристигнала американска подморница од класата Охајо со наведувани проектили.
На социјалните мрежи беше објавена и фотографија на која се гледа подморница во Суецкиот канал североисточно од Каиро.
„Војската ретко ги објавува движењата или операциите на својата флота од подморници со балистички и наведувани ракети, а оваа најава е јасна порака за одвраќање насочена кон Иран и неговите сојузници во регионот“, забележува Си-Ен-Ен.
Портпаролот на израелската војска го поздрави доаѓањето на американска подморница со проектили во регионот.
„Ова очигледно е еден вид фактор на одвраќање и стабилизација во регионот“, оцени воениот портпарол, потполковник Ричард Хехт.
Подморницата им се придружува на голем број други бродови на американската морнарица во областа, вклучувајќи и две ударни групи на носачи на авиони.
Извор: МИА